Најразвиените економии со рекордна побарувачка, а сѐ помалку луѓе подготвени да заминат на работа
Во најсилните светски економии денес се бележи најголема побарувачка за работна сила во последните децении, но парадоксално – бројот на луѓе кои се подготвени да заминат на работа во странство постојано опаѓа. Ова го покажуваат најновите податоци од меѓународните економски анализи, објавени во повеќе европски медиуми.
Според информациите, во земјите членки на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) во 2024 година е регистриран значителен пад на трудовата миграција, и покрај тоа што пазарот на труд вреска за работници – особено во здравството, градежништвото, транспортот, земјоделството и услугите.
Експертите посочуваат дека причините не се економски, туку пред сè политички. Во голем дел од развиените држави се воведени построги имиграциски правила, подолги и покомплицирани процедури за работни визи, како и рестриктивни квоти за странска работна сила.
Истовремено, расте и политичкиот притисок против имиграцијата, што дополнително ги обесхрабрува потенцијалните работници, особено од земјите на Балканот, Азија и Африка.
Стареење на населението – тивка криза
Друг клучен фактор е стареењето на населението. Во многу европски земји, бројот на пензионери драматично расте, додека активното работно население се намалува. Без странска работна сила, голем број сектори се соочуваат со сериозен ризик од застој.
Економистите предупредуваат дека доколку трендот продолжи, дел од земјите ќе се соочат со: пад на продуктивноста, намален економски раст, недостиг од здравствени и социјални услуги и притисок врз пензиските системи
Што значи ова за Балканот?
За земјите од Западен Балкан, ситуацијата е двојна. Од една страна, сè уште постои голем интерес за работа во ЕУ, но од друга – условите стануваат сѐ потешки, а конкуренцијата поголема. Истовремено, одливот на млади и квалификувани кадри продолжува да ги празни локалните пазари на труд.
Експертите предупредуваат дека без јасни стратегии за задржување на младите и подобрување на условите за живот и работа, регионот ризикува да остане без клучна работна сила во наредните години.
Ф. Спировски

