Пишува: Проф.д-р Светлана Вељаноска
Телевизискиот дневник традиционално претставува централна информативна емисија во програмата на секоја телевизија и според мене еден од најзначајните извори на информации за јавноста. Неговата основна задача не е само да ги пренесе настаните што се случиле во текот на денот, туку и да овозможи нивна професионална селекција и балансирана презентација. Токму затоа структурата и уредувачката политика на телевизиските вести се сметаат за важен показател за степенот на професионалност и одговорност во медиумите.
Во рамките на новинарските стандарди, телевизискиот дневник треба да биде јасно структуриран и тематски избалансиран. Вообичаено, дневникот започнува со најважните политички и општествени настани кои имаат директно влијание врз јавниот интерес и функционирањето на институциите. Потоа следуваат економските прашања, социјалните теми, образованието, здравството и другите области кои се од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните. Во вториот дел се вклучуваат информации од регионот и светот, додека завршницата најчесто е резервирана за култура, наука, спорт и други содржини кои обезбедуваат тематска рамнотежа во информативната програма.
Ваквата структура не е случајна. Таа произлегува од принципите на професионалното новинарство – објективност, јавен интерес, пропорционалност и одговорност кон публиката. Целта е гледачите да добијат целосна и релевантна слика за општествените процеси во земјата и светот.
Меѓутоа, во последните години во македонскиот медиумски простор може да се забележи тенденција телевизиските дневници постепено да ја губат својата информативна структура. Сè почесто значителен дел од времето во емисијата е посветен на содржини од таканаречената „црна хроника“ – сообраќајни несреќи, криминални настани, трагедии и други драматични случувања. Иако овие теми се дел од реалноста и имаат своја информативна вредност, нивната прекумерна застапеност ја нарушувауредувачката политика и пропорционалноста на информативната содржина.
Она што е уште позагрижувачко е што ваквите содржини често се презентираат со елементи на сензационализам – драматични наслови, визуелно интензивни снимки и наратив кој има за цел да предизвика силна емоционална реакција кај гледачите. Наместо аналитички пристап во кој се дава осврт во поширок контекст, вниманието се насочува кон шокантниот аспект на настаните.
Зошто се случува ова во нашиот медиумски простор?
Еден од можните фактори за ваквата појава може да се бара во ослабената улога на уредничката структура во медиумите. Уредникот на информативната програма традиционално има клучна функција: да ја спроведува уредувачката политика на медиумот, да ја организира структурата на дневникот, да ја провери релевантноста на информациите и да обезбеди професионални стандарди во нивната презентација. Во праксата за жал, сè почесто се создава впечаток дека уредничката интервенција е или минимална, или недоволно видлива, што резултира со хаотична селекција на теми и недостиг на јасна уредувачка логика во текот на емисијата.
Со ова е поврзан и уште еден значаен аспект – јазичната и стилската обработка на новинарските текстови. Лекторирањето, кое претставува важен дел од професионалниот медиумски процес, во многу случаи изгледа како да е занемарено, да не речам дека дури и целосно отсуствува. Граматички грешки, стилски неусогласености, неконзистентна употреба на јазикот и неправилен изговор при презентација на содржините се појавуваат дури и во централните информативни емисии. Овој феномен дополнителнорезултира со намален професионален кредибилитет на медиумите и остава впечаток на недоволна редакциска проверка и обработка на содржините.
Последиците од ваквите состојби не се за занемарување. Прекумерната доминација на негативни и трагични вести може да создаде искривена перцепција за реалноста и да поттикне чувство на постојана несигурност кај граѓаните. Истовремено, темите од јавен интерес како што сеекономскиот развој, образовните политики, научните достигнувања или културните настани остануваат во втор план или се целосно маргинализирани.
Поради се претходно споменато сметам декапрашањето за структурата и уредувањето на телевизиските дневници не е само професионално, туку и општествено прашање. Медиумите имаат значајна улога во обликувањето на јавната перцепција и во креирањето на темите за јавна дебата. Враќањето кон основните новинарски стандарди: професионална уредувачка политика, тематска рамнотежа, јазична прецизност и одговорност кон јавниот интерес е неопходно за телевизиските вести повторно да ја исполнат својата основна функција: информирање на јавноста на точен, избалансиран и професионален начин.
Во медиумски услови кога брзината на информациите и борбата за внимание на публиката често стануваат поважни од нивниот квалитет, професионалното новинарство се соочува со сериозен предизвик. Сепак, токму во вакви околности уште повеќе се наметнува потребата од јасна уредувачка политика, професионални стандарди и одговорност кон јавноста.
Телевизискиот дневник не треба да биде простор за импровизации, ниту платформа за сензационализам и хаотична селекција на теми. Напротив, тој мора да остане строго уредена информативна форма во која секоја вест има свое место, тежина и контекст. Улогата на уредникот, лекторот и новинарот во овој процес е суштинска, бидејќи токму преку нивната професионална работа се обезбедува кредибилитетот на медиумот.
Оттука, враќањето на телевизиските информативни емисии во рамките на професионалното новинарство не претставува само прашање на медиумска етика, туку и предуслов за здрав медиумски јавен простор. Само со почитување на новинарските стандарди, со јасна уредувачка структура и без импровизации во процесот на создавање на содржината, медиумите можат повторно да ја воспостават довербата на публиката и да ја исполнат својата основна улога – да информираат точно, одговорно и во јавен интерес.

