Денес се одбележува Светскиот ден на Паркинсоновата болест, со цел да се подигне свеста за оваа хронична и прогресивна невролошка болест која влијае на движењето и секојдневниот живот на луѓето.
Паркинсоновата болест настанува поради оштетување на нервните клетки кои произведуваат допамин – супстанца важна за контрола на движењата. Со тек на време, ова доведува до проблеми со одење, говор и извршување на секојдневни активности.
Најчестите симптоми на кои треба да се внимава се треперење (тремор) на рацете во мирување, забавени движења, вкочанетост на мускулите и нарушена рамнотежа. Болеста најчесто се развива постепено, а првите знаци можат лесно да се занемарат или помешаат со други состојби.
Покрај овие, постојат и рани симптоми кои често се игнорираат. Меѓу нив се намален осет за мирис, ситен ракопис, нарушувања на сонот, намалена мимика на лицето, потивок говор и промени во расположението.
Експертите предупредуваат дека појава на еден симптом не значи нужно дека станува збор за Паркинсонова болест, но комбинација од повеќе знаци е причина за лекарски преглед. Раното препознавање е клучно, бидејќи може да помогне симптомите подобро да се контролираат и да се зачува квалитетот на животот подолго време.
А.Н.

