На самиот праг од летните одмори, кога мислите веќе ни бегаат кон плажа, сонце и релаксација, многумина почнуваат да пакуваат лесна облека – кратки шорцеви, маици и секако, омилените јапанки. Но токму тука, според еден искусен пилот, се крие грешка што може да има сериозни последици.
Иако денес летањето е многу подостапно и повеќето патници приоритет му даваат на удобноста, изборот на облека за лет не е само прашање на стил – туку и на безбедност. Пилотот познат како капетан Стив, предупредува дека јапанките се една од најлошите опции кога станува збор за авионски лет.
Причината е едноставна, но често игнорирана: во случај на итна евакуација, секунда може да значи многу. Јапанките лесно паѓаат при трчање или при спуштање по евакуацискиот тобоган, што може да ве остави боси во опасна ситуација.
А боси нозе значат поголем ризик – од изгореници на жешка површина, до исеченици од остатоци или повреди на нерамен терен околу авионот.
Затоа, пилотот советува да се носи затворена и стабилна обувка, по можност врзана, како и облека што покрива поголем дел од телото. Памучните материјали се препорачуваат бидејќи можат да понудат одредена заштита од топлина, а долгите ракави и ногавици дополнително го намалуваат ризикот од повреди.
Со други зборови, иако јапанките се симбол на летото, тие најдобро е да останат во куферот – барем додека не слетате на вашата дестинација.
С.Н.

