Десеттото издание на фестивалот „TODAY IT’S ALL ABOUT JAZZ“, по повод Меѓународниот ден на џезот ќе се одржи денеска во Македонската филхармонија, соопшти организаторот, Националниот џез оркестар.
Промената на локацијата е поради најавените неповолни временски услови, па како што беше и претходно најавено фестивалот е преместен од Парк „Ибни Пајко“ во салата на Македонската филхармонија.
Сите концерти ќе се одржат според најавената програма, со иста енергија, врвни музичари и фестивалска атмосфера.
Програмата почнува од 16 часот со настапи на домашни и странски изведувачи: отворањето е со PEACH VICE (МК), од 17:15 се NEXT TO SILENCE (МК), од 18:30 – ARNAU GARROFÉ: “FRANTIK ZEN” (ES/BG), од 19:45 часот е JACO LIVES! – Национален џез оркестар & Dane Alderson (MK/USA), диригент е Сиги Феигл од Австрија, а од 21:00 часот е настапот на ЛЕБ И СОЛ (МК).
Меѓународниот ден на џезот е прогласен од UNESCO во 2011 година, по иницијатива на Херби Хенкок, и се одбележува во повеќе од 190 земји.
Настанот е поддржан од Халкбанк АД Скопје и СКОПСКО.
Влезот е слободен.

