Пишува: Наташа Доковска
Не почнува малтретирањето во училишниот двор. Почнува многу порано – во домовите каде што децата учат дека нема последици, во институциите што гледаат на друга страна и во системот што секогаш доцни, но никогаш не признава вина.
Не почнува ова со малтретираното девојче од нејзините соученички од училиштето во Ѓорче Петров. Почнува со сите возрасни кои решиле да не видат. Со сите што знаеле – и сепак избрале тишина. Со сите што ја претвориле болката во „процедура“, а насилството во „недоразбирање“.
Да бидеме јасни: кога едно дете е систематски понижувано, злоупотребувано и оттурнато, а институциите не реагираат – тоа веќе не е булинг. Тоа е колективен неуспех. Тоа е систем што не само што не заштитува, туку активно дозволува штета.
Директорката не е административна фигура што „чека извештаи“. Таа е првата линија на одговорност. Ако не знаела – тоа е неспособност. Ако знаела – тоа е уште полошо. Наставниците не се само пренесувачи на лекции, туку чувари на средина. Ако детето секој ден влегува во училиште со страв, тогаш училиштето не е институција – туку простор на неказнета агресија.
А системот? Тој е мајстор за одложување. Ќе формира комисија, ќе отвори предмет, ќе побара извештај. Ќе издаде соопштение полно со празни зборови. И додека тие зборуваат, некој веќе трпи.
Но да не се лажеме – проблемот не завршува во училиштето. Тој продолжува дома. Родителите на децата што малтретираат не се „изненадени“. Тие се дел од приказната. Зашто насилството не почнува во училишниот двор – туку во вредностите што некој ги всадил или ги игнорирал. Кога ќе го браниш детето по секоја цена, дури и кога греши, ти не го штитиш – ти го учиш дека нема последици.
И тука доаѓа најголемата лага: дека сите се беспомошни. Не, не се. Само не сакаат да преземат одговорност.
Сите се кријат. Зад функции. Зад титули. Зад „не знаев“. Зад „ќе провериме“. Зад „децата се“. А едно девојче останува само во систем што требало да биде нејзин штит, а станал нејзин напаѓач.
И ако и ова помине како и секогаш – со малку врева, па тишина – тогаш проблемот не е во тие деца.
Проблемот сме ние.

