Европа е позната по високите еколошки стандарди, но не сите земји имаат ист квалитет на вода за пиење. Според анализи и европски извештаи, неколку држави се издвојуваат со исклучително чиста и безбедна вода директно од чешма. На врвот на листата се наоѓаат Норвешка, Финска, Швајцарија и Исланд – земји познати по природните извори, строгите стандарди и минималното загадување. Во овие држави водата често доаѓа директно од планински извори и глечери, што овозможува висок степен на чистота без потреба од дополнителна обработка.
Добро рангирани се и Словенија, Австрија и Хрватска, кои располагаат со значителни резерви на природна вода и развиени системи за водоснабдување. Според податоците на Евростат, Хрватска е меѓу европските земји со најголеми резерви на питка вода по жител.
Од друга страна, некои медитерански земји и островски држави се соочуваат со недостиг на природни водни ресурси, што влијае врз квалитетот и достапноста на водата за пиење.
Експертите предупредуваат дека климатските промени и загадувањето ќе бидат сè поголем предизвик за зачувување на квалитетната вода во Европа, па затоа инвестициите во заштита на природните извори и модерна инфраструктура стануваат клучни. Н.Д.

