домаЖивотЗдравјеМенструалната сиромаштија сè уште е реалност: Промовиран „Menstrual First Aid Kit“ за...

Менструалната сиромаштија сè уште е реалност: Промовиран „Menstrual First Aid Kit“ за училиштата во Северна Македонија

Секоја година на 28 Мај, светот го одбележува Меѓународен ден за менструална хигиена со цел да се подигне свеста за мааната од менструалната сиромаштија, пристапот до хигиенски производи и потребата од достоинствени услови за менструално здравје. Денот има за цел да ја отвори јавната дебата за темата која сè уште е опкружена со стигма и молк, и да поттикне институционални решенија што ќе обезбедат еднаков пристап за сите девојки и жени.

По тој повод, денес во Северна Македонија, Новинари за човекови права одржа прес-конференција на која беше презентиран најновиот извештај за менструална хигиена, пристап до менструални производи и условите со кои се соочуваат жените и девојките во земјата.

Програмската директорка Наташа Доковска и Азрета Таировска од Новинари за човекови права ги презентираа резултатите од истражувањето спроведено на примерок од 2.700 испитанички, како и новата иницијатива – Menstrual First Aid Kit, пакет за прва менструална помош кој се предлага да биде достапен во училиштата, факултетите и јавните институции.

Истражувањето покажува загрижувачки податоци за менструалната сиромаштија и институционалната неподготвеност:

  • 55.6% од испитаничките изјавиле дека некогаш пропуштиле училиште или работа поради менструација;
  • Истиот процент смета дека санитарните услови не се соодветни за безбедно и достоинствено справување со менструалната хигиена;
  • 11.1% немаат редовен пристап до менструални производи, додека кај 3.7% пристапот е повремен и несигурен;
  • 77.8% никогаш претходно не слушнале за Menstrual First Aid Kit;
  • Сепак, повеќе од 90% од испитаничките изразиле подготвеност да користат ваков пакет доколку биде достапен.

Од организацијата посочија дека менструалното здравје не е само лична или здравствена тема, туку прашање на човекови права, образование и еднаквост. Недостапноста на производи и несоодветните санитарни услови директно влијаат врз присуството на девојките во образованието, нивната самодоверба и секојдневно функционирање.

„Menstrual First Aid Kit“ е замислен како практично и брзо решение кое ќе содржи основни менструални производи и средства за хигиена, со цел ниту едно девојче или жена да не остане без поддршка во момент кога ѝ е најпотребна.

Од Новинари за човекови права апелираат институциите, училиштата и локалните самоуправи системски да пристапат кон решавање на менструалната сиромаштија и да овозможат достоинствени услови за сите.

А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ