домаПОЛИТИКАРегион„Револуцијата на фламингата“: Зошто Албанија веќе две недели протестира?

„Револуцијата на фламингата“: Зошто Албанија веќе две недели протестира?

Тирана деновиве не спие. Илјадници граѓани излегуваат на улиците во, според многумина, најголемите еколошки протести во Албанија по падот на комунизмот. И додека на прв поглед поводот е изградба на луксузен туристички комплекс на јадранскиот брег, зад протестите се крие многу подлабоко незадоволство од корупцијата, нетранспарентноста и начинот на кој се носат одлуките во земјата.

Протестите започнаа во Звернец, во близина на заштитената лагуна Нарта и островот Сазан, каде што е планиран мегапроект вреден повеќе милијарди евра, поврзан со компанијата на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Еколошките организации предупредуваат дека проектот може неповратно да ги уништи живеалиштата на фламинга, морски желки и медитерански фоки, како и едно од највредните крајбрежни подрачја во земјата.

Она што започна како локален отпор брзо прерасна во национално движење. Демонстрантите денес маршираат низ Тирана под слоганот „Албанија не е на продажба“, обвинувајќи ја владата на премиерот Еди Рама дека интересите на странските инвеститори ги става пред интересите на сопствените граѓани.

Демонстрациите не само што не стивнуваат, туку стануваат сѐ помасовни. Според извештаи објавени на 12 и 13 јуни, протестите продолжиле повеќе од 13 дена по ред, со секојдневни собири пред Владата во Тирана и на самата локација каде што е планирана изградбата.

Во меѓувреме, фламингото стана симбол на отпорот. Токму затоа движењето веќе е познато како „Револуција на фламингата“ – симболична борба меѓу природата и профитот, меѓу јавниот интерес и приватните инвестиции.

Премиерот Рама останува цврст на ставот дека проектот ќе донесе развој, работни места и ќе ја позиционира Албанија како луксузна туристичка дестинација. Но за многу Албанци ова повеќе не е само прашање за еден хотелски комплекс. Ова е прашање за тоа кој одлучува за иднината на земјата и дали природното богатство може да се продаде на највисокиот понудувач.

Додека булеварите на Тирана и понатаму се исполнети со демонстранти, едно е јасно: Албанија влезе во период на силно граѓанско будење, а исходот од оваа „Револуција на фламингата“ може да има последици далеку надвор од границите на земјата.

Н.Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ