Претседателот на UEFA, Александар Чеферин, се најде во центарот на жестока полемика откако изјави дека проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации довело до појава на натпревари кои се „недоволно интересни“ за публиката.
Неговите зборови предизвикаа остра реакција од 13 национални фудбалски федерации од Африка, Азија и Карибите, меѓу кои се Алжир, Мароко, Египет, Гана, Сенегал, Тунис, Јужна Африка, ДР Конго, Зеленортските Острови, Курасао, Узбекистан и Хаити. Федерациите заеднички порачаа дека немаат намера да прифатат омаловажување на нивните репрезентации и нивните успеси.
„За нашите земји не постои неважен натпревар на Светско првенство“, се наведува во заедничкото соопштение. Според нив, пласманот на Мундијалот претставува историски успех и остварување на сон што го делат генерации навивачи и фудбалери.
Федерациите нагласуваат дека зад секој пласман стојат години работа, инвестиции и жртви, а зад секоја репрезентација стојат милиони луѓе кои фудбалот го гледаат како извор на гордост, надеж и национално единство.
Во пораката до првиот човек на европскиот фудбал тие истакнаа дека фудбалот не смее да биде привилегија на мала група моќни држави и лидери.
„Фудбалот не им припаѓа на привилегираните. Неговата сила лежи во неговата универзалност. Светското првенство е најголемото спортско натпреварување токму затоа што обединува различни култури, историја и животни приказни“, наведуваат потписниците на соопштението.
Контроверзноста доаѓа во пресрет на FIFA World Cup 2026, кое за првпат ќе се игра со 48 репрезентации и ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Чеферин и претходно јавно изразуваше резерви кон проширувањето на турнирот, сметајќи дека тоа го намалува квалитетот на дел од натпреварите.
Во меѓувреме, од УЕФА се појавија и тврдења дека изјавите биле погрешно интерпретирани, но незадоволството кај федерациите останува, а дебатата околу иднината на Светските првенства повторно е отворена.
Ф. Спировски




