Неколку американски политичари од Демократската партија се најдоа на удар на критики откако јавно признаа дека на Светското првенство не навиваат за репрезентацијата на САД, туку за други национални тимови. Нивните изјави предизвикаа жестоки реакции на социјалните мрежи, каде дел од навивачите ги обвинија за недостиг на патриотизам.
Во центарот на вниманието се најде градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, кој на натпревари од Мундијалот одбил да носи дрес на американската репрезентација. Наместо тоа, се појавувал во облека со симболи на Њујорк, што кај дел од јавноста беше протолкувано како избегнување да ја поддржи националната селекција.
Контроверзиите дополнително се зголемија по телевизиска дебата за место во Конгресот на САД. Конгресменот Адриано Еспаилат изјавил дека навива за Мексико, додека неговата противкандидатка Дариализа Чевалие рекла дека ја поддржува репрезентацијата на Сенегал. Овие одговори предизвикале лавина од негативни коментари, при што многумина сметаат дека политичарите кои сакаат да ја претставуваат Америка треба пред сè да ја поддржуваат сопствената држава.
На социјалните мрежи се појавија бројни критики. Дел од корисниците порачаа дека луѓе кои не ја ставаат Америка на прво место не треба да се кандидираат за јавни функции, додека други ги нарекоа нивните ставови „срамни“ и „понижувачки“.
Случајот отвори поширока дебата во САД за тоа дали политичарите имаат обврска јавно да ја поддржуваат националната репрезентација за време на големи спортски натпреварувања или, пак, имаат право слободно да навиваат за земјата со која се чувствуваат најповрзани поради своето потекло, семејни корени или лични симпатии.
Инаку, Светското првенство во фудбал 2026 предизвика огромен интерес во САД, а натпреварот на американската репрезентација против Парагвај постави рекорд на гледаност во историјата на американскиот фудбал.

