домаЖивотЗдравјеПрв случај на Зика вирус регистриран во Македонија, заразениот се вратил од...

Прв случај на Зика вирус регистриран во Македонија, заразениот се вратил од Малдивите

Во Македонија е регистриран првиот случај на инфекција со Зика вирус, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Станува збор за лице кое кон крајот на мај престојувало на Малдивите, каде најверојатно било каснато од заразен комарец.

Според информациите од ИЈЗ, на 17 јуни лабораторијата за вирусологија потврдила позитивен наод на Зика вирус кај пациентот. Епидемиолозите веднаш стапиле во контакт со заболениот и му препорачале соодветни превентивни мерки.

Епидемиолошката анкета покажала дека лицето престојувало на Малдивите од 20 до 28 мај. За време на патувањето било каснато од комарец, а првите симптоми се појавиле уште на 24 мај. Пациентот чувствувал треска, болки во мускулите и зглобовите, лесно покачена температура, а неколку дена подоцна се појавил и карактеристичен ситен осип.

Поради симптомите, првично постоело сомневање за денга треска. Направени биле лабораториски анализи за денга, чикунгуња и Зика вирус, по што било потврдено дека станува збор за инфекција со Зика.

Добрата вест е што пациентот не бил хоспитализиран и бил пуштен на домашно лекување. Во моментот се наоѓа во добра здравствена состојба.

Од Институтот предупредуваат дека иако станува збор за увезен случај, постои реална можност за појава на нови инфекции поради сè почестите патувања во тропски туристички дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил и Карибите. Дополнителен ризик претставува присуството на азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus) во повеќе европски земји, кој може да го пренесува вирусот.

Според Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, глобалниот број на случаи е значително намален по големите епидемии од пред десетина години, но вирусот сè уште циркулира во делови од Америка, Африка и Азија.

ИЈЗ нагласува дека ризикот за населението во Македонија во моментов е низок, но ги повикува граѓаните кои патуваат во тропски земји да бидат внимателни и да користат средства за заштита од комарци.

Зика е вирусна инфекција која најчесто се пренесува преку убод од заразени комарци од родот Aedes. Кај повеќето луѓе инфекцијата поминува лесно или без никакви симптоми, но може да биде опасна за бремените жени бидејќи може да предизвика сериозни вродени аномалии кај плодот, вклучително и микроцефалија.

Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец; преку сексуален контакт со заразено лице; од бремена жена на плодот за време на бременоста, како и поретко преку трансфузија на крв.

Најчести симптоми се осип, покачена температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите, како и црвенило на очите. Инкубацијата трае од 3 до 14 дена, а кај околу 80 проценти од заразените лица симптомите воопшто не се појавуваат.

Бидејќи не постои специфичен лек ниту вакцина против Зика вирусот, најдобра заштита е избегнување на убоди од комарци и преземање мерки на претпазливост при патувања во земји каде вирусот е присутен.

Н.Д.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ