Односите меѓу Полска и Украина влегоа во нова фаза на тензии откако полскиот претседател Карол Навроцки одлучи да му го одземе Орденот на Белиот Орел на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Одлуката следува по контроверзиите околу именувањето на украинска воена единица по припадници на Украинската востаничка армија (УПА), организација која во Полска се смета за одговорна за масакрите врз полското население за време на Втората светска војна.
Шефот на кабинетот на полскиот претседател, Збигњев Богуцки, изјави дека Варшава не направила никаква грешка и дека одговорноста е на украинската страна.
„Грешката ја направи Украина кога претседателот Зеленски одлучи важна украинска воена единица да ја именува по луѓе кои во Полска се сметаат за злосторници од УПА“, изјави Богуцки за полските медиуми.
Според него, Полска ѝ дала можност на Украина да ја преиспита одлуката и да ја повлече, но тоа не се случило.
„Следуваа дипломатски разговори и време за преиспитување на одлуката. Украина не ја искористи таа можност, па претседателот Навроцки ја донесе одлуката внимателно и промислено“, рече Богуцки.
Од украинска страна, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха оцени дека одземањето на одликувањето е „стратешка грешка која ќе ѝ користи единствено на Москва“.
Во меѓувреме, полскиот премиер Доналд Туск изрази жалење поради продлабочувањето на спорот меѓу двете соседни земји.
„Ова го радува Путин и ги шокира нашите сојузници“, порача Туск, предупредувајќи дека конфликтот може да ги наруши односите меѓу Варшава и Киев во момент кога Украина сè уште се соочува со руската агресија.
Што е Украинската востаничка армија (УПА)?
Украинската востаничка армија (УПА) била националистичка воена организација која дејствувала за време и по Втората светска војна со цел создавање независна украинска држава. Нејзината улога и денес е предмет на остри историски спорови.
Во Украина дел од јавноста ја гледа УПА како симбол на борбата за независност, додека во Полска организацијата се поврзува со масовните убиства на полски цивили за време на Волинската трагедија во 1943 година. Токму различното толкување на овие историски настани со години претставува чувствителна точка во односите меѓу двете земји.
Сè уште не е јасно дали најновиот дипломатски скандал ќе влијае врз планираните средби меѓу полските и украинските претставници, како и врз претстојната Конференција за обнова на Украина што треба да се одржи во Гдањск.
А.Н.

