понеделник, декември 23, 2024
домаЖивотЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: На сопругот му создадов психички напор, тој стана насилник!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: На сопругот му создадов психички напор, тој стана насилник!

Пишува: Валентина Георгиевска Парго
Ретко која жена ќе ви признае дека за лошата психичка сотојба во која западнал нејзиниот сопруг и таа има одредена или голема вина. Една необична приказна, која датира од пред неколку децении, е животната сторија на пензионерка, која со болка се потсетува за сопругот со кого се венчале од љубов, а на суд завршиле како најголеми непријатели.
-Кога се потсетувам за првата средба со мојот сопруг, и нашето запознавање на корзо, и ден денес „пред очи“ ми заигруваат неговите очи како маслинки, неговата коса полетана како пролетно ветерче, неговата ведра и искрена насмевка како на весел матурант од  матурско табло. Љубов на прв поглед ми се случи со момчето кое застана да се поздрави со  братучетка ми, четири години постара од мене. Цела ноќ не можев да заспијам по средбата, во која тој видливо ми обрати внимание, а на братучетка ми главно и кажуваше шеги, кои ги слушнал за време на војниот рок. Неговиот најдобар другар беше заинтересиран за братучетка ми, и тие пред тоа имале заеднички пикник. Тој беше слободен ерген, а јас само што бев матурирала и моите очекуваа од  мене, како истакната ученичка, наесен да се запишам на правниот факултет. До крај на летото јас веќе бев пред матичар, со сопругот мошне брзо преку корзото станавме двојка, а при крајот на август низ продавниците веќе баравме бел сатен за мојот невестински фустан. На радоста и немаше лимит кога мојата прва љубов многу брзо заврши со среќен „крај“ , со одобрувачки став на моите родители за мојот избраник, а и на неговите, и со свадба во неговиот двор, на која присуствуваа најблиските наши роднини и пријатели. Мирно почна нашиот  брак, и не се насетуваше речиси никаков проблем, се присетува таа.
Пензионерката вели, дека во тие денови, била одлично прифатена, и додека нејзиниот сопруг одел на работа во фабрика, таа останувала дома и од својата свекрва  ги учела домаќинските вештини. По неколку месеци  идилична семејна атмосфера, во која секој си ја знаел својата работа, се отворила и шанса за вработување и за неа.
-Почнав да работам во фабриката во која работеше тој. Работевме во исти смени, во различни хали. Таму работеше и неговата мажена сестра, како шефица, и од сите страни се чувствував заштитена. Не ми беа тешки ни трите смени во кои работев, а ни работата, иако беше физичка. По извесно време сестра му ми сугерираше да отидам на платен курс за дактилографки, и набрзо по завршувањето на курсот јас ја напуштив работата во халата и бев префрлена во сметководителското одделение, каде ми најдоа ангажман како дактилографка, запишував се што требаше да се исчука на машина за пишување.
Била многу млада за да ја забележи сериозноста на проблемот со кој се соочувал нејзиниот  сопруг, тој преживеал некоја трауматична случка за време на вежба со оружје, при воениот рок, која останала нивна тајна, а тој имал целосно нарушено и неартикулирано спиење и раздразливост без причина. Често пати и мокрење во сонот.
-Го сакав и јас него и тој мене, и ништо не ни пречеше , ни на двајцата. Се родија нашите две деца, а тој веќе почна се подлабоко и подлабоко да тоне во својот проблем, и во депресија, за која не знаеја ниту неговите. Кога неговото пиење стана малку прекумерно, јас размислив за проблемот и му предложив, наместо на психијатар за да не се навреди,  со моите заштедени пари да земе неплатен одмор и да ги обиколи сите свои другари од војска, кои можеа да го примат, и со нив да разговара за тие денови. Па, некако да го надмине стравот што го носеше во себе, и да му стане поднослива реалност, со која мора да живее. Планот лесно помина, му ги дадов моите пари и речиси два месеци тој кружеше низ поранешна Југославија, по своите другари од војска. Одвреме навреме знаеше да се јави и беше се порасположен!
Се вратил рехабилитиран, одморен, со сосема поинакво расположение од она во кое беше западнал пред да оди на таа своја екскурзија. Неколку години нивниот брак бил во топ форма, освен несониците негови. Платите им стигнувале да живеат еден добар живот, имале прилично добро меѓусебно разбирање.
-Му дозволував и да се поднапие некоја чашка, со салатата, со друштво.,Ми се чинеше дека мојот сопруг е целосно излекуван од траумата која му беше нанесена при воениот рок во проанешна ЈНА. Јас добро го сфатив неговиот психиолошки проблем и речиси сосема успешно му го залечив. Следниот чекор ми беше целосна грешка!…
Кога ги префрлила триесеттите години, не можела да се помири со фактот дека многу млада се омажила и останала без високо образование, и покрај што била една од првенците во генерацијата. Амбицизоноста набрзо се покажала, а и потоа го наплатила на својата сметка.
-Се запишав на вонредни студии ги завршив за брзо време, паралелно со растењето на децата, кои постојано беа згрижени кај моите свекор и свекрва. Тогаш и добив унапредување на работа, каде мојата золва веќе беше на повисока позиција и помогна и мене да ме унапредат. Мислам дека станав важна и се поамбициозна. Убаво ми тргна во кариериерата. И мојот сопруг прво беше иницијатор за да продолжам со образование, тој ја поддржуваше таа идеја затоа што знаеше дека ќе ни донесе повеќе пари, полесна живеачка, и поголем бенефит. Но, и затоа што чувствуваше обврска кон мојот гест, кога го пратив по другари да ја надмине болката што ја имаше во себе, вели пензионерката.
Со дипломирањето и унапредувањето работите добиле неочекуван пресврт. Наместо да бидат се посреќни и позадоволни, тој почнал да чувствува комплекс на пониска вредност, и од ден на ден запаѓал во потиштеност. Тоа го компензирал со тоа што во прво време на се и за сешто и префрлал на својата сопруга, а потоа почнал да ја навредува, повредува, дури и пцуе, најмногу пред други луѓе.
-Кога на работа стекнав реноме на успешна жена, чија кариера е пред неа, и станував фактор, луѓето почнаа да се вртат околу мене. Почнаа да ни доаѓаат и угледни гости. Најпрво убаво и срдечно ги пречекуваше, а потоа добро да се напие, да почне без причина да ми префрла и да ме потценува пред нив, и дури и да ме опцуе, што беше големо омаловажување за успешна правничка во тогаш реномирана фабрика, за што потоа се ширеа муабети. Ако му се спротивставев, макар со збор, знаеше и да ме затурка натаму наваму, со цел да покаже кој е главен во куќата. Дури и ги бркаше гостите, со обвинување дека имаат афера со мене. Срамот беше голем.  Набрзо потоа и се преселивме во свое катче, односно ја поделивме малечката семејна куќа, на моите свекор и свекрва. Тогаш мене ми пораснаа апетитите и го убедив да земеме место и да почнеме да градиме голема куќа, за нашите две деца. Некако набрзина почнавме со тоа, а и се случи и автомобил да купиме. Кредитите се преклопија еден со друг, искрена е во своите искази пензионерката, која тврди дека го форсирала сопругот да купуваат вредни нешта.
Само што ја завршиле куќата, подигнале нов кредит за убав мебел. Набрзо потоа тој, се почесто бил пијан, на работно место предизвикал инцидент и го изгубил работното место, во фабриката во која почнале турболенциите и приватизацијата.
-Кога остана без работа беше во очајна состојба. Седеше со часови пред маалската продавница, облечен како бездомник и без да погледне на себе. Се лутеше што не сум застанала во негова одбрана, иако ја немав таа моќ. Дојдоа нови сопственици, некои нови луѓе. Набргу неговиот лик се промени. Секоја вечер се враќаше дома испијанет со ефтина ракија, која главно си ја носеше во џеповите. Почнаа и караниците, а почнаа и тепачките. Веќе и јас бев влезена во климакс, не ја имав боговската трпеливост како пред тоа. Мене ми стана приоритет моите деца да се школуваат, да излезат на пат, да се оженат добро, и да имаат и убави куќи и убаво наместени. Тој веќе немаше осет за тоа. Малку по малку дојдовме до момент кога цело маало се собираше во нашиот двор, кога ќе почнеше да се тепа со мене и со нашите деца. И ние му враќавме, наместо , ете, да го пратам повторно на лекување. Се си велев- „ајде ќе му помине, ќе сфати, нашите деца се големи, ќе мора да се среди“. А и го имав замразено.  Полицијата дојде неколку пати, кога пијан не истепа дивјачки, и без причина, но бидејќи имав некој углед и познанства со началникот, ги „киневме“ пријавите.  По бројните физички пресметки, кои го нарушија и моето здравје, тој си замина од дома. Го немаше неколку месеци, во периодот кога и неговите родители го напуштија овој свет. Се врати да живее во нивниот дел, и донесе една жена од друг град, десеттина години постара од него. Почнаа и караниците со неа, таа немаше добра култура, и пиеше како него. Побара да добие развод и да го делиме и имотот. На суд половина од имотот му припадна нему. Голем дел од тоа, тој продаваше за да преживее… Го мразев од дното, ми доаѓаше да му се нафрлам пред судијата. Понатаму, целосно се стркала „топката од лавината“ врз мојот грб.. Останав технолошки вишок, пари не ми стасуваа за ништо, од ден на ден беше се полошо.
Пензионерката и ден денес, кога е тоа минато и останало зад неа, се обвинува дека не постапила доволно тактички во пресуден момент. Децата и заминале во странство, сега е сама. Таа дава и совет:
-Многу жени и ден денес ги форсираат сопрузите да стекнуваат материјално богатство, повеќе отколку што се во можност во моментот, да купуваат станови, скапи и лукзузни автомобили, да водат живот на висока нога, не водејќи сметка  дека мажот тоа не може да го издржи, и дека кај него со таа неможност да е „маж на место“ се активира некој недозалечен комплекс, па почнуваат стресови, депресии, караници, тепачки и на крај, фатален крај на бракот, кој не може ни да се „залепи“, а ни да се поправи.
Текстот е дел од проектот „Не молчи, пријави насилство“ на Новинари за човекови права и WWDP
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ