Повеќе стотици дечиња од Битола и од Скопје ќе ја започнат новата учебна година со хуманитарната „Трка на радоста“, што ќе се одржи на 1 септември (недела) во двата града. Шеталиштето во Битола и во Градскиот парк (Школка) во Скопје ќе го исполниме со детски џагор и многу радости.
„Трка на радоста“ ја организира TVB.mk – првиот веб ТВ-канал во земјава посветен на најмладата и најпребирлива публика.
Трката ќе биде наменета за првачињата, но и за децата од 7 до 12 години, а ќе се реализира во две трки – „Првачињата трчаат“ и „Учениците трчаат“.
TVB.mk ја реализира во соработка со „Бучен Козјак“ од Куманово. Иницијатор на трката е Весна Божиловиќ, менаџер на TVB.mk.
– На 1 септември децата радосно ќе влезат во новото животно поглавје, а со самото учество ќе усреќат и свои врсници од загрозени семејства, зашто дел од средствата што ќе се соберат за учество на трката ќе бидат донирани. Ваквите трки се посебен вид забава за децата. Придобивките не се мерат со часовник, ни со наградниот фонд, туку според чувството на задоволство и вештините со кои се стекнуваат од мали. Како и во секоја друг спортска дисциплина, децата минуваат низ процес, каде не е цел само медалот или да се биде прв, туку некои други вредности. Освен што промовираат здрав начин на живот, детските трки ја градат личноста на фер-плеј, почит на личноста, пријателство, истрајност, заемна поддршка. Кога на сето ова ќе се додаде хуманата нота, тогаш оваа детска трка го заслужува името „Трка на радоста“ – вели Божиловиќ.
Сите заинтересирани ќе можат да се пријават за трката најдоцна до 28 август. Секој што ќе се пријави до оваа дата, ќе добие богат стартен пакет и маица со логото од трката. Пријавувањето се врши на интернет-страницата https://www.smartrace.club/. Секое дете што ќе ја заврши трката ќе добие медал.
На самиот настан, децата ќе имаат можност да научат повеќе за спортот, но и да се дружат со своите врсници.