Пред неколку дена Специјалното јавно обвинителство ги обелодени новоотворените истраги за затајување на данок и за злоупотреби со јавните набавки што се случувале во изминативе години во нашава земја. Помошник министер на МВР според непостоечки критериуми набавил 300 автомобили од фирмите кои немале економски најисплатливи понуди, што е и основата на Законот за јавни набавки, и со тоа ја оштетил државата за 453.570 евра. Додека, директорот на едно основно училиште во Зајас без да спроведе постапка за тендер и спротивно на задолженијата дадени од Министерство за образование и наука, склучил договор за градење на ново училиште овозможувајќи му на едно правно лице да се стекне со имотна корист од 200.000 евра.
Случајот со возилата се одвивал во период од 2008 до 2012 година, а тој во врска со градење на нов училишен објект потекнува уште од 2006 година. И никому ништо, никој не одговарал за тоа, ниту институциите повеле било каква постапка иако државата само за овие два случаи е оштетена за околу 650.000 евра. Зошто го пишуваме ова и тоа со акцент на јавните набавки? Затоа што јавните набавки односно тендерите во нашава земја станаа најважни во изборот на лековите што им се даваат на болните од ретки болести, како и на болните од малигни и смртоносни заболувања.
Имено, на секои неколку месеци државата објавува тендери за нови копии на лековите, кои ќе бидат уште поевтини од претходните, и одредува што ќе пијат болните на кои во 2013 година им беа одземени оригиналните лекови и заменети со најевтините генерики. Никој во државава не се одѕва на многуте повици и негодувања на болните, па и на лекарите, за тоа како ова може да се одрази на заболените, бидејќи факт е дека од копија до копија има разлика, а кај пациентите со вакви болести неадекватниот лек може да биде фатален. Не, кај нас институциите, се разбира, по наредба на власта односно Министерството за здравство, ги убедуваа болните дека нема никаква разлика, дека копиите имаат идентичен состав како и оригиналните лекови односно дека тоа е едно исто. Најважно беше, како што изјавуваше и тогаш и денес министерот Никола Тодоров, државата да заштеди.
Сега, по овие случаи на проневери и огромни суми со кои за лични интереси е оштетен буџетот на државата и кои сигурно не се единствени, сега кога излегува на површина целото лицемерие од ваквите одлуки на власта, се прашувате колку во нашата земја вреди човечкиот живот? Во 2013 година на болните од леукемија им беше одземен епохалниот лек „Гливек“, кој на пациентите со ХМЛ (хронична миелоична леукемија) им го продолжи животот и им овозможи нормално и квалитетно живеење. Факт е дека сите тие лекови се многу скапи и во сите земји нив ги обезбедува државата ставајќи ги на позитивната листа. Но, што е поважно од животот на човекот?
Да се потсетиме на примерот со Германија, каде што буквално се води сметка за секој болен поединечно, и тоа според правилото дека секој пациент треба да остане на оној лек што веќе го примал и кој го држи во стабилна состојба. Во Германија, исто така, повеќе нема да се дава „Гливек“ на болните од ХМЛ, но на оние кои ќе бидат нови регистрирани болни. Тие кои примале „Гливек“ ќе го примаат и понатаму, с` додека се живи, а новите болни ќе добијат друг лек и ако тој им одговара, ќе го пијат тој целиот свој живот. Затоа што се смета дека секоја промена кај овие болести, може да биде ризична и да има фатални последици.
Но, што се случува кај нас? Во текот на пет години на болните од ХМЛ пет пати им беа сменети лековите со евтини генерики, чие потекло често и не беше многу јасно. Како овие лекови ќе влијаат на пациентите не може да се знае, а освен тоа познато е дека во светски рамки 30 проценти од пациентите развиваат резистенција, па затоа веќе постои и второлиниска терапија, која овозможува целосно излекување, како и третолиниска терапија за оние на кои тие лекови не им одговараат. За тоа, и покрај сите апели и укажувања дека 30 пациенти болни од ХМЛ примаат несоодветна терапија, во нашата земја не станува ни збор. За да биде појасно, да кажеме дека најновиот лек што го пијат болните од ХМЛ „Акорд“ е набавен по цена од 22 евра!?
Се прашувате, што е поважно од животот во оваа земја? Во 2006 година на позитивните листи во речиси сите европски земји беше ставен лекот „Нилотиниб“ или „Тасигна“, како второлиниска терапија во лекувањето на болните од леукемија. Минатата година од страна на Здружението на болни од ХМЛ (хронична миелоична леукемија) беше повторно упатен повик до Министерството за здравство да го стави овој лек на позитивната листа и да ги заштити пациентите кои се лекуваат со несоодветна терапија, лек што според податоците на Здружението и Клиниката за хематологија им е неопходен на овие триесеттина заболени на кои не им одговараат лековите од прволиниската терапија.
Но, и на тој повик, како и на сите други, надлежните останаа глуви. Како да реагира човек на вакви податоци за јавни набавки, за проневери со неверојатни суми, за тендери за кои се добиени 17 милиони евра, а се штеди на лековите за болните не осврнувајќи се воопшто на ризиците и светските искуства во поглед на овие болести. Колку вреди животот на болните во нашата земја кои на секои неколку месеци добиваат нови лекови, лекови кои се менуваат со таква брзина, што и кога нешто би се случило нема ни да знаете од кој лек е тоа. Важно е дека штедиме на лекови. Зошто? За некои со изигрување на тендерите да се богатат преку ноќ и да се борат со сите сили да ја задржат оваа корумпирана власт која наводно многу се грижи за луѓето. Па нели, секој ден слушаме што направиле?
А, всушност, станува збор за такво лицемерие, кое можеби и не би било толку страшно кога не би си играле со човечките животи. Што е поважно во нашата земја? Благосостојбата на поединци, кои се толку многу опиени од богатството и власта што мислат дека човекот не е важен. Дали можеби мислите дека Германците се будали, па што се грижат за секој човечки живот? Не станува збор само за криминалот и страв од одговорноста, не, станува збор за едно друго ниво на свеста и за цивилизациските придобивки кои, секако, човекот го ставаат на врвот на пиедесталот. Тоа можеби не е голема утеха за оние што се болни, но секако е голема вистина за тоа каде сме ние денес и во какво општество живееме. За жал.
Сунчица Уневска