сабота, ноември 23, 2024
домаЖивотНеготино без депонија на работ од депонија

Неготино без депонија на работ од депонија

На крајот од минатата година присуствував на една работилница во Женева, на која една од темите беше почитување на Архуската конвенција и како државата/граѓаните реагираат на нејзиниото (не)почитување. Еден колега од Исланд, раскажа дека во неговата држава со помош на т.н. граѓанско собрание или со други зборови кажано, распишување на референдум на иницијатива на граѓаните истите влијаеле на промена на Законотот за абортус, кој е сменет за прв пат по 50 години. На прашањето дали има друг пример на оваа тема, останавме неми. Никој не раскажа позитивен пример од својата држава, а речиси сите ги имаме…

Еден од тие е и Неготино ! Позитивен!

Кога го говорам ова мислам на маката што ги натера граѓаните на Неготино да се соберат околу една иницијатива и да бараат преку референдум да се изборат за своите права…Слично како што успејаа граѓанските организации да се изборат со рударската олигархија, или со малите хидроцентрали…

За што станува збор?

Историјата на оваа приказна започнува од пред неколку месеци кога се прошири информацијата дека во непосредна близина на Неготино, меѓу селото Пепелишта и Криволак,  и на само неколку метри од единствено еколошки заштитеното подрачје во општината, цветниот локалитет Орлово брдо ќе треба да се гради Депонија. И тоа, на исто место каде што пред повеќе години беше дадена дозвола за изградба, исто така на депонија, но која компанија ја загуби концесијата по неколку години поради не започнување на работа во предвиденото време.

Сега повторно, на исто место, се најавува изградба на депонија за индустриски инертен отпад. Во Студијата за оценката за влијанието врз животната средина од изградба на депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во Општина Неготино, потпишана од ДЕКОНС – ЕМА, Друштво за еколошки консалтинг, пишува дека на локацијата ќе се превзема, третира и депонира исклучиво инертен и индустриски неопасен отпад, создаден на територија на Република Северна Македонија. Поконкретно, комерцијален отпад, отпад од пакување, суви фракции од отпад и отпад од компании кои работат во секторот пластика, гуми и текстил. Целокупниот отпад, кој ќе биде прифатен на локацијата, ќе биде претходно селектиран и контролиран од создавачот, а потоа на инсталацијата ќе следи секундарна селекција со цел искористување на корисните фракции од отпадот заради производство на RDF, и на крајот преку соодветен физички и хемиски третман, остатокот од отпадот ќе биде депониран.

И, веројатно немаше да се дигне толку врева доколку општината, предводена од градоначалникот и неговата администрација не ја испочитуваа Архуската конвенција за учество на јавноста во донесувањето на одлуки. Значи не ги повикаа на јавна дебата граѓаните кои се најзасеганти од евентуалната изградба на спомената депонија.

Откако се рашири информацијата за изградба на депонијата, односно за наводно донесената одлука за продажба на земјиштето на странски инвеститор, инаку добро познат во државата, а кој веќе соработувал со неколку депонии кај нас, па дури и со Дрисла, како што тврдат од граѓанските организации во Неготино, неговите  граѓани  почнаа да реагираат и да бараат објаснување, односно стопирање на целиот процес.

И, приказната започна како во цртаните филмови со „Том и Џери“…„Помалиот“, во случајов граѓаните, почнаа да се борат со „поголемиот“, во случајов градоначалникот, Тони Делков, и неговите приврзаници. Крајот уште не е познат, но се чини Џери ќе победи…

Градоначалникот, пак, од нигде никаде наеднаш се најде во центарот на вниманието, но веројатно невешт во пи-арот, не успеа да го затскрие неговото непознавање со темата. Или, пак, не сакаше да ја отвори целосно темата и да ја објасни неговата инволвираност. Прво не се дозна како италијански конзорциум, сопственик на повеќе (не)успешни фирми кои работат низ државата го лоцира Неготино и за колку пари. Никој не сака да им одговори на засегнатите граѓани што се предвидува договорот и на колку години е дадена концесијата.

По реакцијата на граѓаните, собрани околу граѓанската организација ЕКО ВИТА, општината свика седница, наводно околу реакциите на локалното население. Студијата за оценката за влијанието врз животната средина од изградба на депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во Општина Неготино, веднаш се најде на страната на МЖСПП, се размрдаа и во самата општина. Со своја видео изјава на локалната КТВ се јави и градоначалникот Делков кој меѓу другото кажа дека ќе се повлече одлуката и нема да се гради депонијата, иако останаа да висат во воздух многу прашања. Граѓаните не добија одговор што со парите за продаденото земјиште, ако воопшто е продадено, кој може да носи и поништува одлуки и која е улогата на народниот правобранител во случајов? Неофицијално се рашири информацијата дека по наводната одлука за продажба на земјиштето изреагирал и народниот правобранител, но дека конечен извештај од неговиот увид се уште нема.

Иронијата да биде уште поголема, на седницата на Советот свикана заради протестите на граѓаните околу депонијата, а која се одржа набргу по изјавата на Делков дека нема да се гради депонијата, темата-депонија не беше ставена како точка на дневниот ред, со што немаше ниту гласање за поништување на одлуката за изградба на депонијата.
Дел од советниците, но и активисти од здружението на граѓани Ековита бараа да им се достави документ, како гаранција дека нема да се гради депонијата, но таков документ не добија. Граѓаните реагираат објаснувајќи дека градоначалникот донесува само заклучок, а Советот ги носи одлуките, односно се друго е лага и не е точно. Имено, од здружението изјавуваа дека само кога Советот ќе ја поништи одлуката за изградба на депонијата, само тогаш нема да се гради депонија. Таков е законот и не може градоначалникот самостојно, со збор, да одлучува за поништување на било какви одлуки кои се однесуваат на целата општина – тврдат од здружението, а го потврдуваат и правниците.

Видео пораката која што градоначалникот Тони Делков им ја упати на сограѓаните, и во која што изјави дека се пишманил и нема да се гради депонија, притоа не давајќи официјална потврда за тоа, само уште повеќе го предизвика револтот на неготинчани и ги мотивира на 28-ми ноември да поднесат барање за покренување на предлог – иницијатива за одржување на референдум на локално ниво од страна на Здружение на граѓани ,,Ековита” до ДИК ПО Велес, канцеларија Неготино. Неколку дена подоцна, неготинчани добија потврда дека може да се распише референдум ако за истиот соберат  3200 потписи.

ЕКОВИТА во име на граѓаните

– Ние како Здружение сметаме дека изградбата на депонија за инертен и индустриски отпад во општина Неготино е штетна и има негативно влијание на животната средина во општината и пошироко – изјави Сашко Тодоров.

Тој рече дека се плашат за здравјето на неготинци и за средината во која живеат.

Револтирани се и други жители на општина Неготино, кои бараат депонијата да не се гради. Својот револт тие последните денови од минатата година го изразија на јавната расправа за студијата за оцена на влијанијата врз животната средина. Во собраниската сала, тогаш им беше кажано дека целата  постапка ќе биде безбедна  по здравјето на луѓето и околината, контролирана и транспарентна, а планирано  е и рекултивирање на самата депонија. Имено, во Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина која што е напишана на повеќе до 300 страници, е наведено дека инвеститорот, Друштво за производство, инженеринг и трговија П&П Индустриес ДОО Скопје, има за цел да спроведе проект – Депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во КО Пепелиште, место викано Шобово, Неготино, со што ќе обезбеди современо депонирање на индустриски неопасен отпад. Како заклучок на 300те страници образложение се тврди дека не постои никаква опасност по здравјето или врз животната средина. Она што ги загрижува граѓаните е што нема никакво објаснување што значи областа одбележана како можно идно прилагодување и проширување на депонијата, односно дали значи дека сегашната таргетирана локација ќе претрпи проширување и ќе се доближи уште повеќе до градот.

Со факти против депонијата

Како и да е, локалното население не и веруваат на Студијата. Тие се борат со факти против одлуката на градоначалникот и препораките што се наоѓаат во Студијата. Според нив депонијата месечно ќе собира 45 000 метри кубни ѓубре што е еднакво на една 4 катна зграда, што меѓу другото ќе влијае и на здравјето на граѓаните. Од ЕКОВИТА тврдат дека RDF гориво што ќе се произведува од согорувањето на отпадот ќе можат да го користат само две фирми и тоа УСЈЕ и ФЕНИ и тоа како додаток може да согоруваат до 30% од маслото со што уште повеќе ќе влијаат и на така загадениот воздух. Неготичани во нивната борба против депонијата тврдат дека МЖСПП не ги почитува европските директиви и дозволува изградба на депонија во непосредна близина на заштитено еколошко подрачје во општината – Орлово брдо. Според европската директива тампон зоната мора да е најмалку еден километар. И, последниот факт, кој во моментов е најважен за локалното население е дека РЕФЕРЕНДУМ сепак ќе има. Собрани се потребните потписи и граѓаните ќе можат слободно да го кажат сопствениот став околу прашање.

Дали нивната одлука ќе се почитува, останува да видиме. Но, едно е сигурно – реакцијата и акцијата на населението на Неготино ќе остане како позитивен пример како треба да се избориме за сопствените права. Неготинчани одлучија да ја одиграат играта на „Том и Џери“ до крај и ги собраа потребните потписи за распишување на референдум, бидејќи официјална одлука за раскинување на догворот градоначалникот се уште не покажа. А, тие веруваат дека оваа инвестиција нема да донесе никаков бенифит за граѓаните на општина Неготино, туку ќе донесе многу лоши последици по здравјето на граѓаните и многу канцерогени заболувања и смрт.

 Четириесет деца минатата година заболеле од рак

Заболувањата на децата од карцином е зголемено. Четириесет деца минатата година заболеле од рак, а најмладиот пациент е бебе на 3 ипол месеци.

–Настанувањето на ракот во детската возраст е комплексен процес и не може да се посочат една или две причини. Најчесто се надоврзуваат повеќе настани кои имаат влијание дури од интраутериниот развој, се до моментот на манифестирање на болеста. Постојат генетски и епигенетски фактори кои го зголемуваат ризикот за рак, вели д-р Светлана Кочева од Универзитетска клиника за детски болести – Скопје

Еден од надворешните фактори за појава на карцином кај децата според Светската здравствена организација е аерозагадувањето. СЗО алармира дека загадениот воздух остава тешки последици врз здравјето на децата.

„Постојат значителни докази дека изложеноста на загаден воздух е поврзана со зголемен ризик од појава на леукемија во детството.“ , сметаат од Светска здравствена организација. Не само карциномот, децата што растат во загадена средина имаат поголем ризик за развој на астма, бронхитис, хронична опструкција на белите дробови и пневмонија, се вели во извештаите на СЗО. Според оваа меѓународна организација аерозагадувањето е причина и за предвремено раѓање на бебињата, а загадениот воздух е и ризик фактор и за развој на многу хронични болести кај децата. Според статистиките на СЗО на глобално ниво – 600 000 деца годишно умираат од загаден воздух.

Неготичани го дигнаа својот глас со цел да ја сопрат изградбата на депонијата и да овозможат здрава животна средина за нив и нивните поколенија.

Пишува: Филип Спировски

(Сторијата е изработена во рамките на проектот „Зелени фондови во сивите области – Корупција во фондовите за заштита на животната средина под лупа на медиумите и невладините организации во Република Србија и Република Северна Македонија„ имплементиран од Ромски центар за демократија (РС) и Зелен Институт (РСМ) е поддржан од Европската унија преку програмата за мали грантови на Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Ставовите изразени во оваа статија не го одразуваат ставот на Европската унија и/или на партнерите во проектот.)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ