Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денес ги отвори вратите на куќата за отворен тип на домување за жени жртви на насилство. Од почетокот на овој месец Мрежата, финансиски поддржана од Град Скопје, започна со пилотирање на услуга која е прва од ваков вид во Западен Балкан. Главна цел на проектот е рехабилитација и реинтеграција на жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина и нивно целосно јакнење за самостоен живот. Со низа предвидени активности и во ситуација на задоволени егзистенцијални потреби корисничките и нивните деца ќе бидат подготвени полесно да се соочат со нови предизвици, надвор од насилната средина и без ризик од бездомништво.
Конкретно, со услугата ќе се обезбеди отворено или транзитно домување од моментот кога тие ќе ја напуштат насилната средина се додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот. Исто така, ќе биде обезбедена психолошка поддршка и советување, како и помош при вработување преку унапредување на работните вештини и образованието.
Поконкретно, за најмалку 10 жени жртви на семејно насилство и за нивните деца, кои живеат на подрачјето на град Скопје, ќе биде обезбедено отворено или транзитно домување во времетраење од 6 месеци од моментот на напуштање на насилната средина, се додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот, односно не стане економски независна, не обезбеди сопствено домување и стабилен финансиски приход. Дополнително ќе биде обезбедена психолошка поддршка, советување и помош при вработување преку економско јакнење и унапредување на образованието. Оваа куќа за отворено домување располага со 4 простории за спиење, тоалет, бања и заеднички простор за кујна и дневен престој. Предвидена е и индивидуална програма за реинтеграција и рехабилитација на жртвите што ќе живеат во куќата за домување која ќе се спроведува преку индивидуален пристап за секоја жена жртва.
Со ваков вид на помош, жртвите ќе можат полесно да ги надминат траумите од преживеаното насилство, да се подготват за самостоен живот, целосно да го избегнат ризикот од враќање во насилната средина и да не западнат во нова насилна врска.
Градоначалникот Шилегов денеска ја посети новоотворената куќа за отворено домување за жените жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина.
„Градот Скопје изминативе години ја препознава потребата за обезбедување услуги на жртвите на семејно насилство, како посебна ранлива категорија, нивна реинтеграција и рехабилитација и развива програми и мерки за помош и поддршка согласно со нивните потреби. Ова е видливо и преку воспоставувањето на Првиот семеен центар на Град Скопје кој функционира во рамките на Здружението нa граѓани ХЕРА и кој претставува прв и единствен специјализиран сервис каде услуги добиваат и сторителите на семејно насилство, при што се работи на превенција на насилството. Само да потсетам дека пред локалните избори, уште како кандидат за градоначалник, потпишавме јавна заложба со Националната мрежа за вложување во борбата со семејното насилство и ова е производ на континуитетот кој го одржуваме при креирање и реализирање на градските политики во соработка со здруженијата. Грижата за квалитетен живот на нашите сограѓани е важна за сите нас и за општеството, особено кога жената е ставена пред предизвик да се сочува како здрава и исполнета личност. Тоа за нас како локална власт е исклучителна одговорност, да бидеме нејзина најголема поддршка. Градот Скопје продолжува и понатаму да поддржува унапредување на сервисите од ваков тип, со цел ефективно и ефикасно справување со семејното насилство. Продолжуваме и со поддршката на сите заложби за заштита на основните човекови права и слободи и почитување на општо прифатените норми за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство. Скопје е град за сите и затоа бескомпромисно ќе се бориме да го олесниме и подобриме секојдневието на секој кому нашата помош му е неопходна“ – рече денеска градоначалникот Шилегов за време на посетата на куќата за отворено домување за жени жртви и семејно насилство.
Во насока на подигнувањето на свесноста за семејното насилство, организаторот на трката во соработка со Националната Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство ве покануваат да учествувате на трката и да донирате за активностите насочени кон ублажување на овој феномен.
„Со купување на маичката брендирана со логото на Авицена Женска Трка, се донираат по 100 денари за Интервентниот женски фонд на Национална Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство и секој добива: вие сувенир од трката, а жените ја добиваат нашата заедничка поддршка!“ велат организаторите.
Маичката може да ја набавите и самостојно, како дополнителен продукт на истиот начин како и пријавување за трката на следниот линк: http://zenskatrka.mk/
Секоја трета жена е жртва на насилство, на секоја трета жена ѝ е потребна нашата заедничка помош!
Н.Д.