На позитивно изненадување на многумина, култната тв серија „Бушава азбука“ ќе се репризира на Македонската телевизија, а со цел да им се пополни времето на децата кои не се на училиште додека траат мерките на Владата за заштита од коронавирусот.
Веста за репризите на „Бушава азбука“ ја соопшти на Фејсбук режисерот Унковски.
Драг Венко,овде Слободан Унковски. Со семејството на Горан Стефановски, денес и дадовме дозвола на МТВ да ја репризира бесплатно БУШАВАТА АЗБУКА, едукативна серија за деца во 31 епизода…Малку да помогнеме во пополнување на времето кога не се оди во школо. Ќе почне да игра од утре, преку утре, два пати дневно. Срдечен поздрав и почит, Унко, напиша Унковски.
Само колку за потсетување, серијата е од 1985 година, во продукција на МРТ. Тв серија беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, преку која многу генерации ја научија азбуката.
Серијата беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играше врвна актерска екипа како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневски.
Поради коронавирусот Владата вчера ги затвори градинките, училиштата и факултетите, со цел да го спречи ширењето на заразата. Учениците нема да одат на училиште до 24 март.
Н.С.