Претседателот на Владата Оливер Спасовски на прес-конференција денеска информираше за состојбата во општините Дебар и Центар Жупа по вчерашното воведување на кризна состојба во двете општини. Го пренесуваме неговото обраќање:
„Сите граѓани на Република Северна Македонија, денеска се со мислите и срцата со граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа. Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на коронавирусот.
Сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акциониот план за оперативна имплементација на Одлуката за постоење на кризна состојба се на терен.
Првата ноќ минала мирно без никакви инциденти или движење на населението. Таква е ситуацијата и денеска во претпладневните часови, и тоа е добро. Најважно е сега граѓаните на двете општини на таков начин да го дадат својот придонес за справување на сите мерки што ги предвидува кризната состојба.
Формиран е Главен оперативен штаб за управување со кризи како стручно тело кое раководи со активностите од Акциониот план со единствена цел – справување со ширењето на вирусот КОВИД-19 со преземање на соодветни мерки и активности по здравјето и безбедноста за граѓаните на територијата каде е прогласена кризна состојба.
Акциониот план ќе ги оствари следните цели:
– Контрола и забавување на пренесување на инфекцијата.
– Заштита на здравјето и животот на граѓаните, материјалните добра и животната средина во услови на кризна состојба.
– Зајакнување на мерките за обезбедување на подрачјето на општина Дебар и Центар Жупа зафатени со кризната состојба.
– Зајакнување на мерките за обезбедување на државната граница и контрола на влез на лица кои доаѓаат од ризични земји зафатени со корона вирусот.
– Вклучување на надлежните институции и обезбедување високо ниво на координација со преземените мерки и активности.
– Зголемување на нивото на безбедност на патниот и товарниот сообраќај.
– Координацијата на мерките и активностите со општините Дебар и Центар Жупа.
За остварување на овие цели се задолжени повеќе министерства и институции на централно и на локално ниво.
Министерството за здравство ќе врши постојано следење на епидемиолошките, вирусолошките и клинички карактеристики на заболувањето согласно воспоставени протоколи и алгоритми.
Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство ќе ја спроведува забраната за излегување на населението од кризното подрачје, освен во случај на животозагрозувачка состојба со возило на Итна медицинска помош и со потврда од овластено лице од Министерството за здравство.
Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и Армијата на Република Северна Македонија се задолжени да го обезбедат утврдениот режим на обезбедување и контрола на кризното подрачје, како и засиленото обезбедување на државната граница во реонот на Дебар.
Министерството за внатрешни работи се грижи за контрола и регулирање на сообраќајот. Дирекцијата за заштита и спасување ќе ја спроведуваат превентивно–епидемиолошката мерка за дезинфекција на зафатеното подрачје, која е задолжителна на влезовите и на излезите од зафатеното подрачје.
Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи и единиците на локалната самоуправа имаат задолжение да обезбедат услови за континуиран транспорт на намирници, енергенси и други потреби за граѓаните од општините од кризното подрачје.
Утврдени се и ќе бидат спроведени и други мерки и активности за справување и за зајакнување на мерките за здравствена заштита и претпазливост од пренесувањето на вирусот по респираторен пат со задолжително користење на лична заштитна опрема. Најважно е почитување на мерките донесени од Владата на РСМ поврзани со забрана на собири, домашна изолација на контакти со иницирани или заболени лица, како и сите други препораки.
Во оваа прилика посебно им се обраќам на нашите сограѓани од општините Дебар и Центар Жупа.
Бидете уверени, и верувајте дека е ова најдоброто решение. Ова е решение кое најбргу ќе даде резултати. Затоа ве замолувам да нема поголема паника. Воспоставен е организиран и институционален систем кој ќе ги покрие сите аспекти за згрижување на секој граѓанин во општините Дебар и Центар Жупа.
Заедно со вашите први луѓе во општината, градоначалниците, кои се вклучени и со кои најтесно соработуваме, ќе ги обезбедиме сите услови да ги добиете најдобрите здравствени мерки. Ќе обезбедиме услови за организирано секојдневие во услови на кризна состојба.
Во Дебар, Центар Жупа и сите населени места ќе се обезбедат сите безбедносни услови за да функционираат производствени капацитети за храна, бензиските пумпи, аптеки и болници. Банките, комуналните служби и поштата да работат по скратено работно време.
Најважно е да се придржувате на препораките и на мерките за заштита и спречување на ширењето на вирусот.
Следете ги редовно информациите и тоа само од официјалните канали за комуникација и од овластените и стручни лица на Министерството за здравство, на Центарот за управување со кризи, на општините Дебар и Центар Жупа и на Владата.
Имаме добро поставен систем кој може да се справи со оваа ситуација.Ве уверувам дека го покренавме тој систем на време и со сите капацитети согласно како се развиваше ситуацијата. Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште, и такви ќе останат во секоја наредна фаза.
За да се постигне тоа, неопходно е целосна посветеност и најодговорно однесување на секој поединец во институциите и на сите граѓани.Ова не е време за евтини политички профити, на прибирање поени од загриженоста на нашите граѓани и тоа секој треба да си го оттргне од својата агенда.
Ова се ситуации кога е повеќе од потребно да го дадеме својот максимален личен придонес придржувајќи се кон препораките, почитувајќи ги насоките на институциите, поддржувајќи го системот кој е креиран од граѓаните, од државата да ни служи на сите нас како граѓани.
Сега е време да покажеме дека сме организирано општество и општество кое има институционален одговор за која било ситуација.
Со постигнување на степен на најодговорно однесување на сите граѓани, на секој посебно и сите заедно, со неопходното ниво на максимална лична одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба ефикасно, поуспешно и за многу пократко време”, соопшти Спасовски. А.Р.