Владата на денешната седница донесе одлука за воведување на полициски час кој ќе трае од 21 до 06 часот со цел да се заштити населението и да се спречи и забави ширењето на епидемијата на коронавирусот, соопшти техничкиот премиер Оливер Спасовски на вечерашната вонредна прес-конференција во Владата.
„Вечерва на седница на Владата на Република Северна Македонија донесовме одлука за воведување најрадикални мерки со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните од коронавирусот. Од утре започнуваме со ограничување на движењето на сите граѓани (полициски час). Се забранува движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден! Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата“, изјави Спасовски.
Премиерот Спасовски додаде дека од радикалната мерка исклучок се лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица на дијализа, но тие не смее да бидат придружувани од повеќе од две лица.
Медицинските установи и полицијата ќе треба да достават список на вработени кои ќе имаат потреба да бидат на терен надвор од лимитираниот термин.
Ќе работат само дежурни аптеки кои ќе бидат локациски поврзани со дежурните здравствено установи, појасни Спасовски, додавајќи и дека оправданоста на излегувањето од дома ќе се проверува со увид во медицинската документација од извршениот лекарски преглед.
Дежурства со ограничен број на возила ќе треба да воведат такси компаниите, а ќе имаат право да превезуваат патници само до амбуланта или аптека.
Од 21 до 6 часот се забранува и користење јавни возила, а јавен и меѓуградски превоз да го намали капацитетот на превоз на патници на 50 отсто,односно да има растојание од еден и пол метар меѓу патниците и да се користи заштитна опрема- маски и ракавици. ЕВН, Водовод и Топлификација може да се движат само по претходна најава на 192 . Населението не смее да биде во група поголема од 5 лица. Директорите, управителите на погони и институции се задолжуваат да го прилагодат работното време согласно на забраната за движење.
Во објекти со шалтери, маркети да се има фреквенција на клиенти колку што има шалтери или каси, односно според големината на објектот, а за придржување до редот да се грижи менаџерот на објектите.
Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мора да се однесуваме и вонредно и најодговорно, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски. А.Р.