И додека кај нас само има информации колку пари се оделени за развој на ВИ, Албанија сè поинтензивно ја воведува вештачката интелигенција (ВИ) во управувањето со државата со цел да го забрза процесот на приклучување кон Европската унија и да ја намали корупцијата.
Премиерот Еди Рама минатиот месец најави можност за формирање министерство со кое целосно би управувала вештачка интелигенција, опишувајќи ја ВИ како „најефикасниот иден член на владата“. Според него, таков систем би ја елиминирал можноста за непотизам и судир на интереси. Локални ИТ експерти веќе развиваат модели за селекција и именување „дигитални министри“, а Рама дури сугерира дека Албанија би можела да стане првата земја со целосно ВИ-влада, вклучително и премиер.
Иако идејата сè уште не е официјална политика, вештачката интелигенција веќе се применува во повеќе сектори на јавната администрација: контрола на јавни набавки, надзор на даночни и царински трансакции, откривање нелегална градба, мониторинг на плажи и плантажи со канабис преку дронови и сателити. Во план е и користење технологија за препознавање лица за автоматско испраќање дигитални опомени и казни на сообраќајни прекршители.
ВИ се користи и во дигиталните јавни услуги – над 95% од административните услуги се достапни преку порталот e-Albania, каде граѓаните добиваат помош од виртуелен ВИ-службеник. Платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и, според владата, заштедила над 600 милиони евра за граѓаните.
Албанија, која започна преговори за членство во ЕУ во 2022 година, ја користи вештачката интелигенција и за превод и анализа на околу 250.000 страници од правната регулатива на Унијата, во рамки на процесот на усогласување со европското законодавство.
И покрај истакнувањето на бројните предности, експерти и опозицијата предупредуваат дека технологијата не може да биде замена за суштински реформи.
Како дел од промотивните активности, ВИ беше искористена за креирање анимирани „бебешки верзии“ на европските лидери на самитот во Тирана во мај, кои на мајчин јазик им посакаа добредојде на гостите.
Владата најавува дека до 2030 година Албанија ќе стане општество без готовина, а дигитализацијата ја гледа како клучен инструмент во борбата против корупцијата и како двигател на патот кон полноправно членство во Европската унија.
Ф.С.

