Наш специјален известувач Сунчица Уневска
„Дали сте вие луди или што? Ова е премногу“, реагираше запрепастено францускиот режисер, Никола Филибер, кога претседателката на жирито Кристен Стјуарт објави дека „Златната мечка“ на 73. Берлинале ја добива токму неговиот филм, „На бродот Адаман“. „Тоа што документарниот филм се наградува и слави, тоа што документарецот може да се смета кино само по себе, длабоко ме трогна“, изјави Филибер, додавајќи дека во филмот се обидел да ја заврти сликата што луѓето ја имаат за ментално болните и да се фокусира на она што нè спојува, а не на тоа што нè разединува.
Најлуди луѓе не се оние за кои мислиме дека се
Инаку, станува збор за филм што во текот на еден ден ги следи настаните во Центарот за грижа за луѓето со различни ментални пореметувања, сместен на еден пловечки објект на реката Сена во срцето на Париз. Тоа е навистина необичен филм, многу искрен и на моменти духовит, додека „самите протагонисти се отворени, без страв од камерата, експресивни и многу ранливи“, како што напиша еден критичар. Додека, Филибер за својот филм рече дека се обидел да влијае на јавните предрасуди за ментално болните, потсетувајќи дека „најлуди луѓе не се оние за кои мислиме дека се“. Кристен Стјуарт, пак, направи вистинска ода за хуманоста и едноставноста на филмот, велејќи: „Луѓето илјадници години се вртеле во круг обидувајќи се да одредат што може да се смета за уметност, на кого тоа му е дозволено и што ја одредува неговата вредност. Но, она што важи за сите нас, е дека едноставно знаеш кога тоа ќе го видиш“.
Дали жирито ги омаловажуваше критичарите
Но, да се вратиме на наградите. Интересно е дека годинава критичарите имаа чувство дека официјалното жири ги игнорира или омаловажува нивните фаворити. Имено, меѓу наградените филмови не се најдоа многу од оние филмови што ги добија највисоките оценки на критиката, како: американскиот „Минати животи“ на режисерката со јужнокорејско потекло, Селин Сонг, инаку добитник на „Санденс“, потоа мексиканскиот „Тотем“ на Лила Авилес, кинескиот „Кула без сенки“ на Лу Џанг, како и австралискиот „Опстанок на добрината“ на Ролф де Хир, кој ја доби наградата на меѓународната критика, „Фипресци“. Па сепак, меѓу наградените имаше и три филма кои доста добро котираа, „Црвено небо“, „Лош живот“ и „Големата кочија“.
Награди за улоги за две трансродни девојки
Интересно е дека годинава во главната конкуренција од 19 филма, дури пет беа германски. На крајот, три од нив беа наградени. Покрај Кристијан Пецолд, наградена беше и Ангела Шанелец, која се смета исто така за припадник на т.н. Берлинска школа. Таа ја доби „Мечката“ за сценарио за нејзиниот експериментален филм или како што велат „разиграниот загадочен риф на ‘Oedipus Rex’“. Третиот филм е „До крајот на ноќта“ на Кристоф Хошауслер, но тоа спаѓа во категоријата на улоги.
А за нас е интересна и Наградата за уметнички придонес, која ја доби француската директорка на фотографија, Хелен Лувар за француско-италијанскиот филм „Диско-бој“ на Џакомо Абрузесе. Имено, Хелен Лувар беше неколку пати гостинка на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, а во 2019 ја доби „Златната камера 300“ за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“. Хелен Лувар ја потпишува фотографијата и на еден од најдобрите филмови на Берлинале во 2020 година, „Никогаш Ретко Понекогаш Секогаш“, потоа на „Загубената ќерка“ со одличната Оливија Колман, како и на хрватскиот „Мурина“.
Хелен Мирен дојде како Голда Меир
За „Сира“ од Буркина Фасо и „The Burdened“ од Јемен веќе пишувавме, и тие ги добија сосем заслужено наградите на публиката, а овде би издвоиле уште еден германски филм, „The Teacher’s Lounge“, на Илкер Чатак, извонредна приказна за една посветена наставничка, која отвора многу прашања, но покажува и до кој апсурд можат да отидат работите па колку и да сакате да бидете праведни, што за жал ја доби само наградата за кино-дистрибуција, Label Europa Cinemas.
Во Берлин дојдоа многу ѕвезди, покрај Стивен Спилберг, тука беше и Хелен Мирен со новиот филм „Голда“ во кој ја игра познатата израелска премиерка Голда Меир, потоа Кејт Бланшет која зборуваше за филмот „Тар“, што ја имаше својата германска премиера, тука беше и Борис Бекер, кој дојде со документарниот филм посветен на неговиот живот, иако само пред два месеца излезе од британскиот затвор каде што беше заради неплаќање данок… На Берлинале годинава имаше над 300 продукции од 67 земји, можеби главната програма не беше најдобра, но тоа сè повеќе е одлика на големите фестивали кои очигледно некои имиња не можат да одбијат, но затоа добри филмови и одлични средби секако има во паралелните програми. Како и да е, најважно е дека фестивалот после ковид-кризата конечно се врати на старото…