петок, октомври 11, 2024
домаБисера Костадиновска Стојчевска на 80 годишнината од депортацијата на Евреите од Штип:...

Бисера Костадиновска Стојчевска на 80 годишнината од депортацијата на Евреите од Штип: Ја повторуваме лекцијата за да не ни се повтори историјата

Одбележувањето на 80 години од холокаустот во земјава, продолжи во Штип, каде што министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на комеморацијата во Општина Штип, рече дека ова се денови кога ни се враќаат спомените за едно големо, до детали разработено злосторство, и кога ниту еден човек не смее да остане рамнодушен кога ќе се изговори зборот „холокауст“.

Таа додаде дека тоа погубување на цели семејства, само зашто не ѝ припаѓаат на „чистата раса“, не смее да биде ненаучена лекција.

„И денеска, оживувајќи го споменот за депортацијата на 551 штипски Евреин, ја повторуваме лекцијата за да не ни се повтори историјата.

Пред 80 години, на 11 март, од Штип насилно беа протерани сите Евреи само зашто се Евреи. И тие беа однесени зад бодликавата жица кај скопскиот монопол, заедно со еврејските семејства од Скопје и од Битола. Фашистите и нивните слуги имаа план за сите 7 148 македонски Евреи. И го реализираа, во гасните комори на Треблинка“, рече министерката која беше дел од Поворката на живите која денес во Штип го изоде патот што пред 80 години го изодеа штипските Евреи, кои никогаш не се вратија.

Министерката Костадиновска-Стојчевска повтори дека денес не им судиме на злосторниците, туку дека го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори.

„И споменикот на депортираните Евреи од Штип ја има таа цел – да не се заборави. И книгата ‘Евреите од Штип – од доселувањето до холокаустот’, која токму денеска ја има својата промоција, е уште еден вреден запис за постоењето и истребувањето на една цела заедница“, рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска порача дека во светот има сė помалку живи сведоци што ги преживеале ужасите во логорите на смртта:„Затоа, со нашата култура на помнење мора да му се спротивставиме на секое негирање на постоењето на холокаустот. Барем ние Македонците знаеме како боли негирањето. Оттаму, и наша морална обврска е да помниме.

Она што почна со говор на омраза, а заврши со гасни комори не е толку далечно минато за некои толку лесно да нѐ убедат во ‘нивната’ вистина“, додаде министерката за култура.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ