вторник, јули 16, 2024
домаДина Марковска и Јована Удовиќ со целовечерен концерт во Скопје

Дина Марковска и Јована Удовиќ со целовечерен концерт во Скопје

Резервирајте го овој викенд за ексклузивен концерт на една флејтистка и една виолинистка, концерт на две млади девојки, студентки на Факултетот за Музичка уметност во Белград. Станува збор за Дина Марковска (флејта) и Јована Удовиќ (виолина) кои ќе одржат концерт утре, на 6 април (сабота), со почеток во 19 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.
На програмата се дела од повеќе композитори. Виолинистката Јована Удовиќ ќе настапи со Соната за соло виолина бр. 2 во а-мол (BWV 1003) од Jохан Себастијан Бах и Рецитатив и Скерцо-каприц, оп. 6 од Фридрих Крајслер, додека флејтистката Дина Марковска ќе ги изведе делата Фантазија бр. 10 во фис-мол за соло флејта од Георг Филип Телеман, Инкантации за соло флејта од Иван Јевтиќ, Соната апасионата оп. 140 за соло флејта од Зигфрид Карг-Елерт и Дует бр. 4 во ф-дур од Вилхелм Фридман Бах заедно со Јована Удовиќ.
Иако млади и двете се со богато музичко искуство, многу настапи, награди и планови за иднината.
Дина Марковска е родена во Скопје 2003 година, а од 2012 живее и учи во Белград. Има настапувано на бројни училишни и академски концерти како солист, камерен и оркестарски музичар во разни ансамбли. Марковска настапувала во Големата сала на „Коларчева задужбина“, Галеријата на „Коларчева задужбина“, „Параброд“, МТС Дворана, „Гварнеријус“, Студентски културен центар, Српска академија на наука и уметност, како и на сцената на Македонската опера и балет. Нејзиното музичко досие е побогато и со први награди на меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ (2021 и 2024), меѓународните средби на флејтисти „Тахир Куленовиќ“ (2021 и 2023), меѓународен натпревар „Охрид, те сакам“ во Северна Македонија (2022), „Zemun international music competition“ (2021, 2022 и 2023, каде што беше прогласена за Лауреат на категорија), „Смотра на музичките таленти на Србија“ (2023) и други. Во јуни 2023 година освои и второ место на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ во Охрид, Северна Македонија, и воедно беше најдобра во најстарата категорија на овој натпревар.
Дина Марковска има посетувано и мајсторски курсеви и работилници каде има соработувано со професорите Матеј Зупан (Словенија), Паоло Табалионе (Италија), Вали Хасе (Германија), Карл-Хајнц Шуц (Австрија), Матју Госи-Онселан (Австрија), а во 2023 година беше и дел од Летната академија во Ница, Франција, каде што соработуваше со професорот Винсент Лука (Франција). Исто така, учествуваше на оркестарскиот семинар во организација на Фејм‘с институтот во Скопје, каде соработуваше со професорот Владимир Николов и диригентот Џијан Емин, со чиј оркестар во склоп на овој проект настапи и на отварањето на Скопје џез-фестивал 2023.
Јована Удовиќ е родена и живее во Балград, а досега има освоено многу награди на меѓународно и национално ниво, од кои најзначајни се: прва награда на натпреварот „Васко Абаџиев“ во Бугарија; прва награда и специјална награда за изведба на романски автор на „Eugen Cuteanu“ натпревар во Романија (2015); прва награда и Лауреат на Републички натпревар во Србија (2014, 2016, 2018, 2021); прва награда и специјална награда на „Art Center“ на натпреварот „Talents for Europe“ во Словачка (2017); трета награда на „Jaroslav Kocijan“ натпревар во Чешка (2017); Лауреат и прва награда на „International String Competition“ во Ниш, Србија (2017, 2019); втора и прва награда на „Охридски бисери“ натпревар во Северна Македонија (2018, 2020). Таа е носителка на наградата „Свети Сава 2020“ од Министерството за образование, наука и технолошки развој на Република Србија, а на филмскиот и музички фестивал „Kustendorf Classic“ во Србија таа во 2023 доби специјална награда од семејството Кустурица. Во 2021, на покана на член на жирито на „Охридски бисери“, таа настапи на „Виолин фест“ во Македонската филхармонија во Скопје.
Двете уметнички најавуваат и втор концерт, и тоа на 14 април во Белград, во Атриумот на Народниот музеј.

А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ