Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија објави повлекување на повеќе модели на автомобилите „Шкода“ поради можен производствен дефект на возачкото воздушно перниче. Според објавените информации, станува збор за моделите CityGo, Fabia, Rapid, Yeti, Octavia и Superb произведени во периодот од јули 2015 до јули 2016 година.
Причината за повлекувањето е грешка во производството на воздушното перниче кај возачот. Надлежните предупредуваат дека при негово активирање постои ризик од пукање на пластичен дел, што може да предизвика сериозни повреди на патниците во возилото.
Сопствениците на опфатените возила во Србија се повикани да контактираат со овластените сервиси за проверка и отстранување на проблемот без дополнителни трошоци.
Засега нема официјално соопштение од увозникот или од надлежните институции во Северна Македонија дали истите модели се опфатени со повлекување и на македонскиот пазар. Сепак, со оглед дека станува збор за возила произведени за европскиот пазар, сопствениците на наведените модели би требало да проверат кај овластените сервиси дали нивното возило е дел од сервисната акција.
Автомобилските производители редовно спроведуваат вакви повлекувања кога ќе се откријат потенцијални безбедносни недостатоци, со цел да се спречат можни несреќи и повреди на возачите и патниците.
Ф.С.

