Еднаш дневно: ПЕЈАЧКА, ЧИНИШ АВТОБУС ОД ЈСП?

0
240
ТВ Алфа воведе нова емисија, која ја емитува во петок вечер. Емисија, која не ми е во случајов толку важно да ја  коментирам од технички и квалитетен стандард, виден низ призмата на гледач/ка, освен што во двата наврати на нејзиното досегашно емитување ми отвора едно прашање кое во некоја пригода инсистирам да ми биде одговорено, за да биде задоволен уште еден контекст од  мојата професија.
Имено, пред неколку години нашиот најдобар шоумен Игор Џамбазов правеше славенички концерт во салата “Борис Трајковски” . Предизвикот и интересот беше разбирливо голем, да се прослави негов 50 годишен јубилеј од сценска дејност, мултимедијален, долгодецениски и атрактивен, единствен од тој тип во земјава, а Игор во топ форма.
Бројни естрадни гости дојдоа да му направат чест со своја точка, ноќта преку видеобим ја обои со поетско уметничка нота славниот Раде Шербеџија, публиката од миг во миг се повеќе задоволна, распеана и поопуштена. И јас, исто така.
Се до моментот кога на сцена се појави актер и водител (чија кариера јас лично одбегнувам да ја следам од моментот кога ширеше говор на исмејување, и стереотипи за една наша сограѓанска  нација, ставајќи нивни белокапи симболи на глава за поголем хумористичен “циркуз” ). Очекував, да, дека нема да се снајде и да биде на ниво со дотогашните настапувачи, со оглед на музичките квалитети, и со оглед на јубилејот во кој беше ред исклучиво да му се поклони на славеникот , ама најискрено не очекував толку да го спушти нивото и да почне со навредувања. И тоа, на Жената.
Со безмалку срам, во неговата точка, наместо да му укаже исклучиво почит и чест на славеникот, вреден 50 ѕвездени уникатни  години, потомок на наши национални легенди во низа, тој со некое нејасно преопуштено однесување, почна да кажува вицови. Едниот виц беше нешто во стилот дека има пејачки кои така изгледаат (мислејќи на  дебели) што се како оние двокатни црвени автобуси на ЈСП.
Сам си кажа, сам се изнасмеа, не сфатив зошто, како што подеднакво не сфатив зошто публиката не го исвирка туку и таа се насмеа, изгледа несвесно заразена од неговото прекумерно смеење не ја сфати суштината на вицот, ама и психолошки момент е кога публиката е опуштена и во транс, таа ужива и не обрнува внимание на детали, за тоа ќе почне да расудува и оценува веќе следниот ден, кога добро ќе се одмори. И првичниот впечаток исчезнува, а прашањето останува засекогаш.
Јас колку и да сакам не може да се опуштам до степен да не ми е важно кој што кажува и што прави, професионална деформација, се мора да следиш будно. И, за жал следниот ден наместо сите редови што му ги напишав на порака на славеникот како што доликува, јас му пратив и суптилна реакција за нискиот степен на манифестирање на  сценска култура на посочениов настапувач.
Дали тоа значи дека жените кои се налик на “двокатен автобус од ЈСП” не смеат да пеат? Да постојат? Треба да бидат предмет на беспотребно и со ништо непредизвикано исмејување? Какво е ова дискриминација и кршење на правата на жената? Жената може да изгледа како што сака и и налага нејзината  здравствената, генетската, генерациската и животната ситуација. И тоа не смее да биде предмет на ниедно коментирање и омаловажување. Треба да биде и казниво, како што вели и законот.
Гледајќи ја таа емисија во двата наврати се прашував во себе, треба ли “таква” жена- пејачка, “двокатен автобус од ЈСП” според неговата перцепција, кога е во негова близина да се чувствува несигурна да не ја нападне вербално, да не ја исмее, понижи, обезвредни и нанесе траума?
Ова го прашувам не само затоа што како жена од женска солидарност сакам да ја заштитам доколку таква пејачка, каква што опиша, се најде во негова близина. Јас не сум од оние кои на жена или на маж ќе им земам мерка за висина, тежина, боја на очи, на кожа. Освен што ќе му земам мерка за култура или некултура, човечки или нечовечки изградени карактеристики, и веќе знам на која листа да ја/го сместам.
Но, ова и го прашувам и не само затоа што е се уште е месец март, во кој на 8. ги славиме Денот на Жената. Ова не го прашувам ни кога ќе се извини јавно за тоа недолично произнесување, ќе мора неизбежно му е, но прашање на време е кога, можеби да речеме кога ќе секне тоа громогласно смеење и ќе го стави прстот на челото и ќе си го гризне јазикот.
И конечно, ова го прашувам и заради АВМУ, онаа за мене толку тивка и речиси невидлива агенција, дали следи какви личности се појавуваат (а често и контаминираат) во официјалните електронски медиуми, дали и на кој начин, но и кога планира да им стави рампа ако не покажале задоволително  ниво на култура во јавниот живот и дали не треба да има некаков филтер за тоа кого гледаме ние, а кого гледаат помладите генерации, кои треба да развиваат една цивилизирана култура, достојна на цивилизацијата во која живееме. И од кого земаат пример, што во овој случај, никако не би смеело да биде пример.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.