вторник, јули 16, 2024
домаЕднаш дневно: "ВАСКО АТАНАСОСКИ ПРОПАГАНДА" 

Еднаш дневно: “ВАСКО АТАНАСОСКИ ПРОПАГАНДА” 

Ме облеа среќа неодамна на еден меѓународен, би рекла и интерконтинентален форум за музика кога проминентен европски новинар Р.Ф. во три наврати го нарече Васко Атанасоски од “Бернајс пропаганда”- гениј. Не толку затоа што го делам мислењето (секој си има право на свое мислење), затоа што навистина и јас во неговите песни пронаоѓам симболика, суштина, скриени значење и пред се многу отсликувања кои се токму такви на јаве.

“Бернајс” немаат нов албум повеќе од две години, а последниот ме обзеде целосно. Спонтаноста и прецизноста со која се изработени песните на “Бернајс пропаганда” може да се спореди со прецизност на стар часовничар со око солоково кој со монокл на око и со најтенка пинцета, со педувска леснотија на рака го дофатува и раздвижува најситниот запчаник на стар рачен часовник.

Девет песни, со општествено ангажирана тематика, урбано напудрени, но не во смисла со пудра да го покријат грдото лице на реалноста, туку само да го  разубават начинот на кој ни ја соопштуваат.

Дефинитивно, “Бернајс” се гласот тивко, а гласот ГЛАСНО!

На Васко, кому деновиве му посакуваме и “Среќен роденден” решив  да му поставам едни прашања, овој пат јавно. Одиме:

1.”Втора младост трета светска војна”. Размислувам за овој Ваш албум, за целата симболика, за самиот наслов. При последното преслушување на албумот на ум ми падна дека многу зборови не требаат, ни многу објаснувања. Да, ние сме во/пред некоја невидливо-видлива Трета светска војна, која е можеби и најпакосна, секој против секого, најмногу секој против себеси, тивко исчезнување, истребување, самоистребување, долго, мачно, непредвидливо, присутно. Музиката секако не е таа што го дава знакот за Третата, но и тоа како е потребна да не освести пред да се случи самата таа. А Вие, со албумот, од една досега национална димензија на опишување на нештата, со самиот наслов преминувате на еден општ поширок, планетарен опис на ситуацијата. Зошто Третата, како, каде, што, кој со кого…

2.Текстовите се мудрости, филозофии, документи за едно време … Кратки, јасни, “убиствени”, дотолку прецизни што слободно може да се состави од нив една драма, театарска претстава, поема, пиеса, што и да е. Поделени, а поврзани, тематски различни со ист именител, куси а објаснувачки, исти, а разноразни. Полни со пораки, со информации, сведоштва, сцени, споредби, затскриени, префинето вметнати парадигми, исмејувања, козерии, пародии, отпор, бунт, лирика, нежност, буквално се. Интересно, се е кажано в лице, а никој не е посочен со прст и се е без ниски удари, фрустрации, навреди и говор на омраза, толку својствен за една ваква тмурна реалност.

3.Римското царство, велат, пропаднало поради разврат, неморал и распуштеност, а ако кај нас се случува некаков пад, причините ќе ги слушнете во само неколку укажувачки стихови на “Бернајс”. Кратка форма, а со толку широк опсег на објаснување. Знаете што, ме потсетивте на тактиката на “Бастион”, неколку стиха а во нив – се! Но, некогаш најтешко се доаѓа до она “малку”, до она наједноставно. Ве измачи ли процесот на нивно создавање, долго беше или лесно и брзо се наредија еден до друг?

4.Јас сум прилично одушевена и од начинот на ваквото да речам “шмекерско” поигрување со интелегенцијата на, нашите профитерски современици (читај: луѓе кои вршат криминал), кои се опишани меѓу редови, некои песни почнуваат како љубовни а веќе во следниот стих свртуваат за 360 степени. Еве да се вратам на претходниот албум, од глава не можам да го исфрлам стихот “Долга е раката, ти зема од устата”, сосема актуелен за тоа а и за ова и за некое идни време. Сигурна сум дека некој школски, костумосан тендераш Ви се јавил да се смее и да ја пофалил песната без да сфати дека тоа и за него се однесува. Во убав целофан е спакувано се она што го соопштувате, интелигентно и урбано, навистина.

5.И мелодиски овој албум е мошне возбудлив и примамлив. Не бега од вашиот досегашен електро концепт, и иако на почеток уште со првите тактови се осеќаш ко да е она убаво ентузијастичко време на почетокот на “компјутерската музичка приказна”, ала Депеш мод, Крафтверк, после сфаќаш дека албумот мириса и на рок, фанк, гитари. Сосема вклопено е што и аранжманите не се “доминано интензивни”се е во минималистички стил, претпоставувам со цел да не се влезе да се наруши важноста и приматот даден на текстовите.

6.Освен текстовите и музиката, третиот и најсугестивен елемент е интерпретацијата. Ма, Тина овој пак е најноншалантна, можам да речам и преслатка. Знае кога да интерпретира како наивна девојка која лесноумно ја перципира реалноста, па се “премазува”, се растегнува, се фали, знае кога да шепоти, а кога да загризе. Убава доза и на шепотење, па така има и песна која звучи како ноншалантно електро приспивна. Има хипхоп манир, и фанк, и христијанско црковно пеење. Со се, сакате да кажете нешто и тоа лесно се лови со “антените” на оние со кои сте на иста бранова должина.

7.На “Бернајс” единствено што им се забележува е слабата наметливост. Како да не ви е дојдено до што повеќе публика, или? На претходните два концерти во МКЦ, дури и медиуми не беа известени, а и публиката не дозна многу. Ваше објаснување го прочитав на фб, дека за вас доволно е да се напише во настан на фејсбук. Би рекла не, зошто Вие сте некомерцијални алтернативци, за жал не и инфлуенсери, иако по некоја здрава логика би требало да сте.

8.Пред да се приближиме до крајот на ова интервју, сакам да ми ја разложите симболиката на стихот “Вежбаат држава”. Таму велите- во парни денови јаде Северна, а во непарни Македонија. Хм. Која од двете е онаа најадената, а која никогаш…

9.Немаме време за губење, ајде да преслушуваме заедно. Песните се сведоштво на едно време, документ со безвременско значење со посебен и препознатлив наратив во директниот опис на реалноста. Ако продолжите вака вие сте на спротивна линија со оригиналниот Бернајс, тој бил пропагандист и безмилосен перач на мозоци, а вие сте дрско отворени и конкретни, отворате очи. Одиме:

1. РЕТКИ БИЛКИ 03:18
2. ДОЈДЕ ЖИВОТ 04:24
3. НЕ СМЕ ФИНИ ЕДЕН СО ДРУГ 03:41
4. МОЈАТА МАРИЈА 03:16
5. ВЕЖБААТ ДРЖАВА 05:00
6. Bernays Propaganda ft. Volk Makedonski – НАТО ВЛЕГУВА ВО СКОПЈЕ 03:23
7. ЌЕРКА НА ГЛАДОТ 03:59
8. Bernays Propaganda ft. Mike Watt & Toni Kitanovski – НИШТО НЕМА ДА НЕ РАЗДЕЛИ
9. ЗЛОБЕН ФАНК

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ