дома Живот Животна средина Европа под удар на екстремен топлотен бран: научниците предупредуваат дека ова е...

Европа под удар на екстремен топлотен бран: научниците предупредуваат дека ова е новата климатска реалност

0
8

Европа се соочува со еден од најинтензивните топлотни бранови досега, со температури кои надминуваат 40°C во повеќе земји, црвени аларми, шумски пожари и први човечки жртви. Италија, Хрватска, Франција, Германија, Шпанија и делови од Југоисточна Европа веќе повеќе од една недела се погодени од екстремни горештини, кои го нарушуваат секојдневниот живот и сериозно ги оптоваруваат здравствените системи.

Во Италија дури 22 градови се под највисоко, црвено ниво на предупредување. Во Хрватска, црвен аларм е прогласен за Загреб, Сплит и Дубровник, додека пожарникари со авиони се борат со големи шумски пожари на островот Вис. Во Србија температурите достигнуваат до 39°C, а слични екстремни услови се регистрирани и во Албанија, каде пожарите зафатија големи површини со вегетација.

Научниците предупредуваат дека топлотниот бран, кој започна околу 20 јуни, е меѓу најсилните некогаш забележани во Европа. Според анализите на меѓународната група World Weather Attribution, ваков екстремен настан би бил речиси невозможен без климатските промени предизвикани од човекот, односно без согорувањето на јаглен, нафта и гас. Дополнително, високата влажност го отежнува ладењето на телото преку потење, што ја прави жештината уште поопасна.

Иако од средината на неделата се очекува привремено освежување и пад на температурите во делови од Централна Европа и Балканот, метеоролозите предупредуваат дека тоа нема да трае долго. Веќе од 5 до 6 јули се прогнозира нов топлотен бран кој повторно ќе ги зафати Франција, Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и делови од Велика Британија.

Експертите предупредуваат дека Европа се затоплува побрзо од глобалниот просек и дека екстремните топлотни бранови ќе стануваат сè почести, подолги и поинтензивни. Освен ризикот по здравјето, тие носат и сериозни последици за земјоделството, производството на електрична енергија, водоснабдувањето и ризикот од катастрофални шумски пожари.

А.Н.