Секој родител сака неговото дете да му се обрати кога има проблем – без разлика дали станува збор за случувања на училиште, проблеми со другарите или грешка што ја направило. Но довербата не се гради со големи гестови, туку преку секојдневните разговори и начинот на кој родителите реагираат кога детето ќе им се довери.
Децата ретко се затвораат преку ноќ. Најчесто постепено заклучуваат дека нема смисла да зборуваат за своите чувства ако очекуваат осуда, критика или лутина. Ова се неколку родителски навики кои можат да ја нарушат отворената комуникација.
Секој разговор го претворате во лекција
Децата честопати не бараат решение – тие само сакаат некој да ги сослуша. Ако секое нивно признание заврши со долго предавање за одговорност, животни лекции или критика, тие ќе почнат искреноста да ја поврзуваат со непријатно искуство.
Следниот пат можеби ќе изберат да премолчат што ги мачи. Наместо веднаш да давате совети, најдобро е прво внимателно да го сослушате детето, а потоа, доколку е потребно, да понудите насока.
Реагирате со лутина пред да го сослушате
Кога детето ќе признае дека направило грешка, а првата реакција е викање или гнев, тоа може да стекне впечаток дека искреноста секогаш носи казна.
Тоа не значи дека грешките треба да се игнорираат, туку дека е важно најпрво да се слушне што навистина се случило. Смирениот разговор остава многу повеќе простор за учење отколку бурната реакција. Децата полесно ќе ја кажуваат вистината ако чувствуваат дека родителот најпрво ќе се обиде да ги разбере.
Ги потценувате нивните чувства
Реченици како „Претеруваш“, „Тоа не е ништо страшно“ или „Немаш причина да бидеш тажен“ често се кажуваат со добра намера, но можат да имаат спротивен ефект.
Она што на возрасните им изгледа како ситница, за детето може да биде голем проблем. Ако неговите чувства постојано се минимизираат, ќе заклучи дека нема смисла да ги споделува. Признавањето на емоциите не значи дека се согласувате со сè што чувствува детето – туку дека покажувате разбирање и емпатија.
Го споредувате со други деца
Некои родители ги споредуваат своите деца со браќата, сестрите или врсниците со надеж дека така ќе ги мотивираат.
Но ваквите споредби најчесто го намалуваат самодовербата. Наместо отворено да зборува за своите проблеми, детето може да почне да ги крие за да избегне нови споредби. Многу покорисно е вниманието да се насочи кон неговиот личен напредок, а не кон успесите на другите.
Постојано го прекинувате додека зборува
На децата понекогаш им е потребно повеќе време за да објаснат што се случило и како се чувствуваат.
Ако родителите често ги прекинуваат или им ги довршуваат речениците, тие може да добијат впечаток дека никој навистина не ги слуша. Трпението за време на разговорот му покажува на детето дека неговото мислење е важно. Понекогаш најголемата поддршка не е советот, туку тоа едноставно да биде сослушано до крај.
С.Н.



