вторник, јуни 18, 2024
домаИзложбата „СОВРЕМЕНА СКУЛПТУРА“ 2023 на ДЛУМ во АРТ ХАБ

Изложбата „СОВРЕМЕНА СКУЛПТУРА“ 2023 на ДЛУМ во АРТ ХАБ

Изложбата со наслов „СОВРЕМЕНА СКУЛПТУРА“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе се отвори на 23 март 2023 година во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ, ГТЦ 2 кат, локал 306 во Скопје со почеток во 20 часот.
Оваа изложба на ДЛУМ е дел од програмските активности и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамки на современата скулптура. Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата. Низ делата се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали.
Поставката на изложбата ја сочинуваат 22 дела од 19 автори: Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева, Никола Смилков. Во чест на наградата ,,Боро Митриќески”, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќески, а во изборот е вклучено и дело на керамичарот Боро Новаковски.
Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура, која што ќе биде соопштена на отварањето на изложбата.
Изложбата ќе ја отвори Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска. Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Р.С.Македонија и во соработка со Уметничкиот Центар АРТ ХАБ. Сите љубители на уметноста изложбата ќе може да ја разгледаат до 01 април 2023 година во работно време на галеријата од 11-18 часот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ