Капката што ја прели чашата или колку треба за да посакаш да побегнеш од државава!!!

0
296

Пишува: Филип Спировски

Кога на трпелив човек ќе му мине трпението значи дека сите мерки се преминати. Не се тоа смешни недоразбирања со администрацијата, ниту бизарни активности на пајак службата. Не е ниту гнев ниту омраза. Не е неуспех на личен или на професионален план, а не се ниту љубовни недоразбирања. Во прашање е едно обично писмо. Или поточно новогодишна (Божиќна) честитка. Во минатото единствен начин да му изразиш некому внимание е пишаниот збор. Зборот, за што се ломат копја деновиве и уште јазикот, писменоста, припадноста и националноста, наспроти вредностите на западната цивилизација и територијалната и културната вмреженост, се небитни и минорни во споредба со едно обично писмо кое не можеш да го испратиш.

Ете се случи и тоа: да бидеме блокирани, во неможност, да пратиме едно обично писмо до Австралија. Еееј, па знаете ли каде е Австралија? На другиот крај на светот. И кој ќе го однесе?

Печалбарите одамна не се враќаат. Пандемијата ги спречи и туристите да патуваат. Честитките и писмата се надминати со фејсбух еуфоријата. Кој пишува честитки рачно? Кој пак испраќа писма до Австралија? Декември е месец на радост. За најмладите тоа е доаѓањето на Новата година и на Дедо Мраз. За учениците од второ одделение декември претставува единствена можност да го изразат тазе наученото пишување и да го испратат напишаното на позната адреса или до Северниот пол. Да ја споделиш радоста со најмилите, најблиските со оние кои ти значат, преку честитка за Нова Година не е ретро и не е тренд. Тоа е вистинска вредност. За вистинските вредности во нашава држава одлучува власта!? Замислете да треба сите писмени граѓани да испратат писмо или честитка на најмилите. И тоа не подалеку туку во државава. Сигурен сум дека поштата ќе се блокира и уште утре ќе излезе на протест: пребукирана од писма нема да може да си ја врши секојдневната работа. (Трачање, размена на рецепти, оговарање, трошење на туѓи ресурси…)

Утрово се упатив во пошта да купам плик и да испратам напишана новогодишна (божиќна) честитка. Пликот што ми го дадоа беше чудно означен, но ја собра честитката. За жал службеничката ми кажа дека не може да ја примат пратката бидејќи била адресирана до Австралија. Ете и тоа е можно!