Пишува:Наташа Доковска
Системот ја уби!
Синоќа, на булеварот Партизанска, еден живот згасна во секунда. Фросина, млада, надежна модна дизајнерка, не загина само под тркалата на автомобилот што ја удри со полна брзина. Нејзиниот живот беше одземен многу порано – од системот што требаше да ја заштити, но ја предаде.
Возачот кој ја прегази требало да биде зад решетки. Не на улицата, не зад воланот, не со слобода што не ја заслужува. Но, нашиот систем дозволува луѓето со кривични досиеја да продолжат да возат, да продолжат да газат, да продолжат да убиваат. Дозволува криминалците да шетаат меѓу нас, додека правдата тапка во место, обвиткана во бирократски лавиринти, корупција и незаинтересираност.
Колку пати сме прочитале „возач со претходни прекршоци“, „познат на полицијата“, „требало да издржува казна“? Колку пати сме премолчале, слегнале со рамената, заборавиле? Денес тоа е Фросина. Вчера беше некој друг. Утре – кој?
Ова не е несреќа. Ова е убиство со потпис на системот. На оние кои молчат, на судиите кои не судат, на институциите кои не работат. Ова е убиство во кое сите ние сме соучесници – ако и натаму го прифаќаме ова како дел од „нормалноста“.
Кој ја уби Фросина?
Сите што дозволивме ова да стане правило, а не исклучок.





