Кој му дава право на Бектеши да одлучува каде ќе одмарам?!

0
391

Пишува: Наташа Доковска

Министерот за економија Красник Бектеши недипломатски ѝ соопшти на македонската јавност да не сонува дека ќе оди на одмор каде што сака, на пример, во Грција! И тоа не заради нешто друго туку заради тоа штој смета дека треба да се промовира и подржува домашниот туризам! И колку и да звучи националистички – и албанскиот. Не заради нешто друго, туку заради тоа што единствено Албанија е и ќе биде отворена за македонските туристи доколку македонската влада не се договори со другите држави. Само колку за потсетување сите оние туристи кои години претходно одмораа на Егејот, минатата година го заменија со албанското приморје. А, како стојат работите така ќе биде и оваа!!!

Да се разбереме, јас немам ништо против албанското приморје, ем поефтино, ем домаќините љубезни, природата неверојатно питома и убава, а плажите поуредени, имам против неумесните одлуки на оние кои треба да му служат на народот и да работат за него. И уште повеќе, мислам дека никој, ама баш никој НЕ СМЕЕ да го ограничува правото на движење!

Имено, откако Грција и Србија билатерално се договорија дека српските туристи ќе можат да влезат во Грција со доказ за примена вакцина или ПЦР тест, замислете македонската влада смета дека нема потреба од преговори. И дека македонските туристи треба да одмораат дома! Или…

Бектеши одлучил и оваа година да ги собира парите на граѓаните во домашниот буџет, а за возврат ама баш ништо да не даде! Патем, тој ништо не кажува за понудата. Нашите туристички меки минатата година нешто не се потрудија да бидат добри домаќини, освен што се потрудија да ги дигнат цените до небо. А, не слушнавме ни колкав процент од ваучерите за туризам се реализираа. И, се разбира, кој имаше ќар од нив. Граѓаните, сигурно не! А, и туристичките работници нешто не триеја раце од ваквиот потег на владата. За разлика од тогаш, сега реагираат на одлуката на Бектеши, бидејќи речиси целата туристичка понуда со години наназад им е насочена кон Грција. И тврдат дека ако не се отворат границите со Грција ова лето, 90 отсто од нив ќе затворат.

Од друга страна министерот изјави дека интенција и е на Владата да ја промовира дражавата пред странските туристии и да ги привлече во што поголем број.

Кое лицемерие!

Како тоа ќе ги привлекува туристите, со или без вакцина? Или тоа не е важно, важно е парите да се собираат на сметка на здравјето и безбедноста на граѓаните!

Кои се искрените мотиви за ваквата одлука на економскиот министер, искрено не ми е познато. Она што ми иде на ум е дека можеби знае нешто што ние обичните граѓани не знаеме! Како, а пример, дека вакцини нема да има ни летово,  па со време ги штити своите колеги од напади за неможноста да го вакцинираат населнието и да му овозможат слободно движење?!

Она што со сигурно знам  е дека го собра гневот од граѓаните кои со душа чекаат да се вакцинираат и да можат да прошетаат. Па, макар било тоа и до соседна Грција!  На социјалните мрежи врие од реакции на граѓаните поради изјавата на Бектеши, но да не се разочаруваме, може ќе се предомисли и ќе ја повлече изјавата. И така и така попис нема сега, а локалните избори се презакажани за некоја недела подоцна од предвиденото!