недела, јуни 16, 2024
домаКонзерваторските центри од Скопје и од Сараево заеднички ќе го заштитуваат културното...

Конзерваторските центри од Скопје и од Сараево заеднички ќе го заштитуваат културното наследство

Националната установа Конзерваторски центар – Скопје и Кантоналниот завод за заштита на културното, историското и природното наследство од Сараево денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на заштитата и промоцијата на културно-историското наследство на Република Северна Македонија и на Босна и Херцеговина.

Константин Димитровски, в. д. директорот на Конзерваторскиот центар од Скопје, и Борис Трапара, директор на Заводот од Сараево, во присуство на членот на кабинетот на министерката за култура, Оливера Ливриниќ, изразија задоволство од потпишувањето на Меморандумот за соработка, кој е резултат на интересот и подготвеноста за започнување соработка во областа на промоцијата и зачувувањето на традицијата, културата и универзалните вредности на културно-историското наследство.

Со потпишувањето на Меморандумот се поттикнува директна соработка и размена на експерти и информации меѓу двете сродни институции, како и воспоставување непосредни контакти во областа на музеологијата, археологијата, етнологијата, историјата, архитектурата и историјата на уметноста. Исто така, ќе се овозможи размена на искуства преку спроведување заеднички активности, како: изложби, промоции, манифестации, настани, јавни трибини и други настани.

Конзерваторскиот центар и Заводот, со цел промоција на културно-историското и природното наследство, ќе партипицираат и во изработка на заеднички публикации, организирање заеднички изложби и други заеднички активности од областа на музеологијата и заштитата на културното наследство.

Денешното потпишување на Меморандумот за соработка, според двајцата директори, ќе послужи како општа рамка за институционална соработка и ќе овозможи понатамошно разгледување и развивање специфични програми за соработка од заемен интерес.

На крајот, гостите од Сараево се запознаа со дел од културното наследство од Скопскиот Регион.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ