среда, мај 22, 2024
домаЖивотНИКОЛА ИСАИЛОВСКИ: Време е да го отвориме „долапчето“ со рецепти!

НИКОЛА ИСАИЛОВСКИ: Време е да го отвориме „долапчето“ со рецепти!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Наскоро се подготвува ново кулинарско шоу, за кое најпрво да ја претставиме екипата што го подготвува, но и за каков оригинален концепт станува збор?

Здраво, пред се да се заблагодарам за отстапеното време и простор. Бидејќи моето секојдневие е преполно со храна и приготвување на истата, честопати се случува пријателите околу мене да побараат некој совет или рецепт за што вкусно да приготват. Тоа беше добра инспирација да смислам начин како да пренесам дел од мојата драж со сите останати. Екипата сме јас и мојот “цимер” Рајхл. Двајца панкери во своите триесетти, спремни за работа и полни со енергија и ентузијазам. Решивме нашата кујна да ја претвориме во студио, од каде ќе ги пренесуваме моите идеи за тоа што вкусно можете да приготвите. Концептот е тој, да не е само фалење на инстаграм и фејсбук што вкусно сме јаделе денес, него да покажеме како и другите да го приготват истиот вкусен рецепт.

Како да стана ТВ тренд, во Македонија постојат повеќе емисии кои се занимаваат и со подготвувањен храна, но малку од нив оставаат впечаток. А Вашата по што ќе се разликува од останатите?

Целта на емисијата е да се даде осврт на храната, да се даде осврт на тоа како да се приготви рецептот. Можеби грешката на тв емисиите е тоа што прават емисија за готвење, а готвењето го ставаат 20% и сето останато време го посветуваат на гостите.

Вие сте по професија кулинар, и сосема е разбирливо што сте инспириран да снимате јутјуб видеа, со рецепти. Но, колку е тоа финансиски исплатливо? Во што ја гледата логистиката и поддршката, која треба да псотои за да се реализира проектот? 

Трендот на снимање јутјуб видеа и живеење од истите е станато секојдневие во светски размер, а тој тренд полека доаѓа и кај нас. Постои начин како тоа да се исплати но само треба да бидеш упорен, истраен и се разбира, да понудиш нешто интересно и квалитетно.

Кога зборуваме за нас, како нација, накусо кажано, дали се храниме соодветно? Старите рецепти на баба дали треба да ги извадиме од „долапче“ или да се препуштиме на „модерните рецепти“?

Време е да го отвориме долапчето. Живееме во регион во кој што и да фрлиш во земјата ќе никне. Убаво е од време на време да ги донесеме Азија и Италија или Америка во нашата кујна, но не треба да заборавиме на тоа од каде сме и што се ни е достапно. Исто така една од најбитните работи што ги забораваме е тоа да јадеме сезонски. Пазарот е најдобриот показател што треба да јадеме во моментот. Што е најевтино на тоа му дошло време. Плус и ќе заштедиме некој денар.

Вашето искуство стекнато овде и во Германија е доста богато, па да направиме паралела како се хранат таму , како тука. Секако, за миг, да ја прескокнеме разликата во стандардот, да позборуваме за прехранбените навики?

Сето ова што го кажав погоре е инспирирано токму од нив. Ние сме научени да тањирот ни биде преполн, меѓутоа со што, тоа  е небитно. Во супер маркетите најчесто количките им се полу празни, но внатре има квалитетни продукти, додека пак кај странците за истата сума на пари имаш две преполни колички со глупости и евтини работи. Подобро една чаша виски отколку три чаши евтин коњак.

Во Германија подготвувавте рецепти исклучиво со органска храна. што претставува овој поим, дали сме доволно запознаени со него и дали? Има ли кај нас доволно услови за производство на органска храна?

-Живееме во време на трендови, па така и од ова се прави тренд. Ќе повторам уште еднаш, само треба да бидеме паметни што купуваме и колку купуваме. Имаме услови и те какви, само да се придржуваме на локалното.

Неодамна, на официјалната манифестација „Рекорд стор деј“ подготвувавте вкусни веган сендвичи за присутните. Што подразбира поимот веган, што го прави овој гурмански правец толку допадлив и популарен, во последно време?

Според мене ова е една од подобрите работи во светот што стануваат популарни. Покрај тоа што не се конзумира месо, туку и не се конзумира продукти од животинско потекло. Човечкото тело може да функционира без нив, но само ако се грижиме доволно за тоа што внесуваме. И не само што се намалува сета онаа грда слика од малтретирани животни по фармиет и кланици, го продолжуваме и животниот век на нашата драга планета Земја.

Кога ќе се каже веган, многумина го поистоветуваат со вегетаријанец. Во што е разликата, или евентуално сличноста?

Разликата е во тоа што Веган не конзумира никакви производи од животинско потекло, но не само во исхраната, туку и во секојдневиото. Не носи кожни патики, не користи производи кои се тестирани на животни или се со животинско потекло. А вегетаријанство според мене е првата фаза од ова. Свеста почнала да работи, само се чека кога ке дојде време за следниот чекор.

Вие сте музичар, во мошне познат алтернативен бенд „Новиот почеток“. Сметате дека ќе имате доволно време да постигнете и со обврските во музиката, но и во кујната, која сега веќе преку електронските медиуми  станува јавно достапна и во домовите на гурманите?

-Кога нешто се прави со љубов не се прашуваш дали имаш време да го правиш, едноставно магично го наоѓаш. Јас овие две работи ги гледам заедно. Доколку не беше љубовта кон музиката, можеби и љубовта кон храната немаше да биде иста.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ