По мерка на граѓаните

0
84

Пишува: Филип Спировски

Не знам чиј е слоганот од насловот ама мене неодоливо ме врзува со активностите што се случуваат во непосредната околина во која живеам, а се однесуваат на “депониите на секој агол”. Иако во предизборието, средувањето на “агол депониите” е значајна придобивка за граѓаните и е видлива и мерлива колку илјадниците милиони пари фрлени за Скопје 2014.

Кога минував од Мичурин кон ГТЦ пеш, се плашев што ќе сретнам под железничка зад пајак паркингот. Најчесто вршители на физиолошки потреби, но и “мањаци” и “љубовџии”. Не ми беше јасно како може простор од 6000 м2 на само 500 метри од епицентарот во главниот град, кој патем речено е обновен со милијарда евра, да се користи како депонија и легло на зарази. Маглата ми ја разбистри Градоначалникот на градот (и неговите колеги од другите скопски општини), кој успеа за неполни три седмици да расчисти и скромно да изјави дека тоа е една од неговите работни обврски. Неверојатно лесно и со минимум пари се угодува и на други места низ Аеродром, Карпош 3 и 4. Нема помпа зад изградбата на нови игралишта и градинки. Ненавикнати на остварувања без “провладини медиуми” и “фемили фото” на цела влада во позадина, на јавувања од местото на настанот на премиер кој “ја бутка работата побрзо” и на безброј хвалоспевки за “проектите”, со чудење сведочиме на вршење на работата бидејќи тоа е во описот на работата, бидејќи тоа е обврска од работното место, а не од Програмата на партијата.

Исто важи и за кризниот штаб одговорен за состојбата со коронавирусот. Си ја гледаат работата, најпрофесионално и одговорно постапуваат и не го прават тоа за собирање на предизборни поени, туку затоа што тоа е нивната работна обврска. Ова го гледам како најголемата придобивка од оваа влада. Се надевм дека и во судството вработените ќе се покажат како професионалци кои си ја вршат работата.

Но не секаде важи оваа аналогија. Во јавниот сервис викан (с)мрт работите мирисаат на рибен маркет. Не се вклопуваат во вршењето на работата (читај да информираат), иако никој од власта не ги чепка како да си ја вршат работата. Веројатно за тоа е виновна инерцијата која и после три години од промената, уште ги држи. А, можеби и не знаат како е да информираш затоа што тоа ти е работа, а не затоа што партијата очекува за се заземеш за неа со подобно информирање.

За крај нешто комплетно поразлично и во монтипајтоновски манир; Никако не ми е јасно како сеуште партиските соопштенија ТВ медиумите ги пренесуваат еднаш од репортерот од терен, истите зборови од водителот на вести и трет пат од устата на портпаролот или политичарот од партијата. Како три во едно, папагалски, да не се пропушти или да не се заборави. Капак на тоа, како противтежа и другата партија ќе одговори, а гревовите од уредници не бараат друг приод туку секндирај исто и да завршиме… А допрва треба да започне предизборната кампања!

Овој однос на медиумите кон политичките партии не го одобрувам ама го разбирам. Она што никако не разбирам е да имаш проблем со авторски права кои се однесуваат на програмата на твојата телевизија и тоа да не го објасниш да може да те разбере гледачот (на турските серии), а како папагал постојано да ја повторуваш изјавата дадена на прес во која го цитираш законот, е еднакво на неуспех.