домаКУЛТУРАТеатар и ФилмПочина македонскиот режисер и драматург Сашо Миленковски

Почина македонскиот режисер и драматург Сашо Миленковски

На 62 години во Скопје почина македонскиот режисер Сашо Миленковски. НУ Драмски театар Скопје се прости од Сашо Миленковски (1963–2026), еден од најзначајните македонски режисери, драматурзи и театарски творци, чија уметност остави длабок белег во современиот македонски театар.

Роден во Битола во 1963 година, Миленковски припаѓаше на генерацијата режисери кои во почетокот на деведесеттите години внесоа нова естетика, современ театарски јазик и силен творечки импулс во македонската театарска уметност. Својата професионална кариера ја започна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од легендарниот мултинационален театарски проект КПГТ во Суботица, каде што ги постави претставите „Госпоѓица Јулија“, „Рани јадови“ и „Злосторство и казна“, со што уште во раните години се етаблира како режисер со автентичен сценски израз.

Во текот на речиси четири децении творечка работа реализираше повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, во Бугарија и пошироко, работејќи подеднакво успешно на класичниот и современиот драмски репертоар. Со еднаква убедливост ги поставуваше делата на класичните автори, како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет, но и современата драмска литература, оставајќи особено значаен придонес во афирмацијата на македонската драматургија.

Особено значајно место во неговото творештво имаше афирмацијата на современата македонска драма. Праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Народниот театар во Битола во 1992 година претставува едно од најважните сценски остварувања во поновата историја на македонскиот театар. Претставата освои четири награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а беше изведена и на „Охридско лето“ и на „Млад отворен театар“. Заедно со неговата режија на „Буре барут“ во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде клучен придонес во афирмацијата на драмското творештво на Дејан Дуковски на домашната и меѓународната сцена.

Во неговото богато творештво особено место заземаа режиите на драмите на Горан Стефановски – „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“, како и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмскиот театар. Со еднаква посветеност ги поставуваше и делата на Братислав Димитров, Љубиша Георгиевски, Александар Поповиќ, Витомил Зупан и бројни други автори.

Покрај режисерската работа, Миленковски беше и драмски автор. Зад себе ги остави текстовите „Коледе“, „Game Over“, „Deus Ex Machina“ и „Ова не е американски филм“, кои ги реализираше и како авторски сценски проекти. Неговото творештво се прошири и на филмот, каде што работеше на документарните и играни филмови „Мајка Тереза“, „Голем Град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.

Неговиот придонес не се ограничуваше само на режијата. Во 1999 година го основа независниот театар „Бабилон“, а од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар. Од 2010 година беше драматург во Драмскиот театар, каде што активно придонесуваше во обликувањето на современиот репертоар и со своето знаење, искуство и висок професионализам остави неизбришлива трага во работата на театарот. Неговото присуство и творечка енергија ќе останат трајно врежани во меморијата на Драмскиот театар.

За својот богат творечки опус, Миленковски доби бројни домашни и меѓународни признанија. Во 2026 година му беше доделена и наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за неговото повеќедецениско творештво и придонес кон македонската театарска уметност. Двапати беше добитник на наградата за најдобра режија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а претставите „Game Over“ и „Македонски рулет“, во негова режија, беа прогласени и за најдобри претстави во целина. Добитник е и на наградата за најдобра режија на театарскиот фестивал во Нови Сад за претставата „Злосторство и казна“, како и на наградата за најдобра претстава во Србија за „Ниш експрес“.

Со својата посветеност, уметничка смелост и творечки интегритет, Сашо Миленковски беше еден од творците што го обликуваа современиот македонски театар. Неговото дело ќе остане траен дел од македонската култура и ќе продолжи да сведочи за моќта на театарската уметност.

НУ Драмски театар Скопје изразува искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и до сите што имаа чест да соработуваат со него.

Погребот ќе биде извршен во среда во Битола, а за комеморацијата јавноста ќе биде дополнително известена.

  
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ