Појадок

0
354

За почеток ќе ви предложам неколку идеи за полнење на организмот со енергија. Велат дека силата доаѓа на уста. Во тој контекст некои џапаат по некој филџан ракивче на гладно, а други денот го почнуваат со мастика – стомаклија. Но, јас со индигнација ги отфрлам овие старовремски фазони за почеток на денот, зашто веќе на пладне ќе ви биде завршен.

Од друга страна, модерното време налага нов приод за флуиден старт: смути. Ги собирате овошјата, зеленчуците, семињата и со неколку грама тврда вода блендирате, миксате и смутито е готово. Единствена забелешка е дека мора да го испиете во спортска опрема и на тераса или во двор. Така ефектот од смутито е потранспарентен. Многу трендовски и фенси! Тука би додал дека ова поднебје исто како и јапонското (азиското), чорбата ја сметаат за добар избор  за течен старт на денот. Мала препрека претставува луковиот додаток на шкембечорбата но модерното време нуди безброј дентални освежувачи.

pojadokkЗа оние со флексибилно работно време, појадокот значи пржење на јајца со и без варијации на тема сирење, кашкавал, печурки, сланина… Овде ќе го споменам „шпанскиот омлет“ кој содржи и коцкасто исечени компири. Модерната варијација на темата јајца наутро е дупење со игла и пиење пред фрижидер на две – три од нанога, а руралната варијанта е бркање на петелот и кокошките и исто приготвена конзумација ама пред кокошарникот.

На нашиве простори бурекот, или кралот на тестестиот појадок и неговата кралица: симит погачата се редовен избор за појадок како кроасанот со капучино кај Италијаните или Пен ди шоколад со млеко кај Французите. Разните кифли, гевреци, ладните сендвичи и питулици се дополна на ѓеврековата дупка во градските бутици за појадок. Додека во селските средини питата под вршник или ѓомлезето се причина за посета и започнивање на денот токму таму.

Јас се сметам за голем познавач на појадоците. Не ги пропуштам цели 49 години. На почеток ми беа млечни, а сега прејдоа во течни. Помеѓу овие две фази моите појадоци имаа една заедничка карактеристика: обилни. Не можев да запрам да појадувам. Некогаш се случуваше да ги спојам со ручекот, а паметам неколку ситуации во кои два последователни појадоци се споија. Од сето ова богато искуство сакам да ви пренесам дека „гладна мечка оро не игра“, а и снагата треба да ги издржи сите дневни предизвици: лизгање со палец по телефон, скролување низ монитор и бесконечно телефонско хендсфри верглање. Да не го заборавам и социјалното кликнување на прсте и гуглањето по име и презиме.

За крај, денешен предлог за појадок е мачкано лепче со сиренце и чаша студен јогурт. Препорака е лебот да биде тазе. Совет е да нема домати на дофат – нема да престанете да јадете!