По поразот на изборите во Унгарија на долгогодишниот унгарски премиер Виктор Орбан, Европа се соочува со еден од најзначајните политички пресврти во последната деценија. Орбан, кој повеќе од десет години ја обликуваше Унгарија како симбол на „иллиберална демократија“, беше клучна фигура во зајакнувањето на десно-популистичките движења низ континентот.
Неговата политика често беше во судир со институциите на Европската Унија – од блокирање одлуки поврзани со Украина, до блиски односи со Москва и Трамп. Токму затоа, неговото заминување се толкува како можен сигнал за слабеење на суверенистичките и анти-ЕУ струи во Европа.
Во центарот на новите политички случувања се наоѓа Петер Маѓар – поранешен дел од системот на Орбан, кој денес се позиционира како реформатор и критичар на истата власт. За разлика од неговиот претходник, Маѓар нуди умерено конзервативна и про-европска агенда, фокусирана на борба против корупцијата и враќање на институционалната рамнотежа.
Иако дел од јавноста го перцепира како десничар, аналитичарите сметаат дека тој не припаѓа на класичната „far-right“ сцена, туку претставува центар-десна алтернатива со потенцијал да ја нормализира политичката клима во земјата.
Импликациите од овој пресврт се чувствуваат и надвор од Унгарија. За Европската Унија, ова може да значи полесно носење одлуки и поголемо единство во надворешната политика. За регионот на Западен Балкан, вклучително и Македонија, се отвора можност за поинтензивна поддршка во процесот на европска интеграција.
Сепак, останува прашањето дали овој развој навистина означува крај на десниот популизам во Европа, или само негова трансформација во нова, поумерена форма. Политичката сцена се менува, но идеолошките линии остануваат.
Наташа Доковска

