сабота, јули 27, 2024
домаНасловнаРегионот окован во снег и мраз, температурите во минус низ Европа

Регионот окован во снег и мраз, температурите во минус низ Европа

Арктичка зима со температури во минус и силни ветрови, ги окова земјите од регионот, сообраќајот е отежнат на сите патни правци, некаде во прекин, а снег и минусни температури има и на хрватското и црногорско крајбрежје. Аеродромот во Подгорица е повторно отворен за сообраќај, но откажани се повеќе летови. Во Хрватска, само две метеоролошки станици забележаа температура на воздухот над нулата, додека во повеќето градови температурата падна под минус 10.
Ова се смета за најстудена зима во овој век.
Далмација е отсечена, за подрачјето на Велебитскиот канал издадена е црвена тревога, па граѓаните се повикани ако може да не тргнуваат на пат. Хрватските метеоролози тврдат дека ова е врвот на бранот и дека во текот на следните три дена температурата ќе биде и под минус 20 степени, но дека чувството на студ е
  поголемо поради силниот ветер.
ДХМЗ издаде специјално предупредување за петок, кога е можен замрзнат дожд: “Не чека нешто многу опасно”, порачаа хрватските метеоролози.
Температура во плус во Хрватска беше измерена само во Превлака 2,8 степени и Палагружа 0 степени. Метеоролозите и за денес издадоа предупредување за опасни ладни бранови. За утре на сила е предупредување на највисоко ниво за Риека и Сплит, а во четврток во сила предупредување на највисоко ниво во шест градови: Загреб, Карловац, Госпиќ, Книн, Сплит и Риека. Сè уште не е проодно за камионите кон море и во спротивна насока.
Слично е времето и во Босна и Херцеговина, каде што висината на новата снежна покривка е од еден до 10 сантиметри во северозападниот дел и од пет до 15 сантиметри во централните делови на земјата. Температурите во поголемиот дел од БиХ се во минус, некаде до пет степени Целзиусови.
Новите врнежи од снег и многу ниските температури во текот на ноќта беа дополнителна пречка и го успорија протокот на сообраќајот на патиштата во Република Српска и за сите категории на возила се непроодни правците Мркоњиќ Град-Гламоч преку превојот Млиништа и Ново Село-Шипово, како и регионалниот пат Улог-Кланци преку превојот Морина.
И на останатите патишта во повисоките предели и преку планинските первои сообраќајот се одвива отежнато, соопшти автомото сојузот на Република Српска. Поради разгазениот снег и мраз на патиштата отежнат е сообраќајот на повеќето патишта и во БиХ, особено во планинските области, а дополнителни тешкотии на патиштата во областа на Бихаќ, Босански Петровац и Кључ, предизвикува силен ветар кој создава снежните наноси.
Штабот на Зимската служба на БиХ прогласи зимски услови на возење, и соодветно на тоа, постои забрана за приклучни возила во сообраќајот на планинските превои каде е коловозот под снег, додека се создадат услови за безбедно сообраќање. На граничните премини во БиХ, задржувањето не е подолго од 30 минути. На граничниот премин Изчиќ, поради зимски услови за возење во Хрватска, сообраќајот е запрен.
Дежурниот метеоролог Вучина Поповиќ изјави за Телевизија Црна Гора дека ова утро во земјата паѓа слаб снег, и дека на север дошло до разведрување. Во Подгорица утрово во седум часот беше минус два степени, а најстудено е во Жабљак со -17 степени.
“Снег има во поголемиот дел од земјата, единствено го нема на подрачјето на Бока, и висината на снегот во Подгорица, Никшиќ, Пљевља и Бар, е околу пет сантиметри, во Улцињ е 12 см, во Цетиње 25, Колашин 30, а во Жабљак дури 113 сантиметри”, рече Поповиќ.
Слична е ситуацијата и во Македонија, но магистралните патишта во земјата се проодни, па е укината забраната за движење на камиони.
Снегот, исто така, го отежна сообраќајот и на подрачјето на скоро целиот континентален дел на Албанија, а снег падна и во Тирана.

Продолжуваат студените денови ширум Европа

Во поголемиот дел од Европа денес се евидентирани многу ниски температури, како резултат на судир на студен воздух од североисток – во Германија забележана една од најстудените ноќи во текот на годината, неповолните временски услови предизвикаа прекин во сообраќајот во Велика Британија, а во Романија доведоа до откажување на летови.
Поради лошите временски услови откажани се 15 летови и 85 возови во Романија, се вели во изјавата објавена денес од Центарот за информации за сообраќајот и Генералниот инспекторат на романската полиција. Од 15 откажани летови, осум се од Букурешт, шест од Краков и еден од Сибињ. Аеродромот Михаил Когалничеану во Констанца беше затворен од 6:30 часот, но подоцна беше повторно отворен.
Во повеќето делови на Германија, живата падна под 10 Целзиусови степени, според АП.
Германската метеоролошка служба соопшти дека во текот на ноќта е регистрирана температура од минус 30, 4 степени Целзиусови на највисокиот врв во земјата Цугшпице.
Од канцеларијата на германската канцеларка изјавија дека во Берлин, поради неповолните временски услови се откажани воените почести планирани за денеска поради доаѓањето на претседателот на Гана Нана Акуфо Адоа.
Како што објавија медиумите вчера, во Германија најмалку четири лица беа повредени во сообраќајни незгоди.
Обилните снежни врнежи во делови од Велика Британија го пореметија патниот и железничкиот сообраќај, пишува Би-Би-Си. Предупредувањата за дополнителни снежни врнежи и многу ниски температури сеуште се во сила денес, а полицијата соопшти дека условите за возење се опасни во некои места. Камионите го блокираа патот кон Кент, стотици возови беа откажани, а многу училишта се затворени.
Меѓу најлошо погодените области се Кент, Сари, Сафок и Сасекс, каде што паднаа помеѓу пет и 10 сантиметри снег, додека во североисточниот дел на Англија беа забележани осум сантиметри снег.
Велика Британија се соочува со една од, според очекувањата, најстудените недели во текот на зимата, а повеќе од 20 сантиметри снег до среда вечер може да се наталожи во некои делови од источна Англија и Северна Ирска.
Зимското невреме во британските таблоиди се нарекува “ѕверот од истокот”.
Руската метеоролошка служба соопшти вчера дека е студено и во Москва, каде што живата на термометарот минатата ноќ се спушти до 20 степени под нулата.
Во соседна Бугарија, снежната покривка достигнува 40 сантиметри, објави АП.
Арктичката бура што мина низ Европа, пристигна и во Рим, а снегот иако не голем, особено ги израдува децата.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ