Министрите за правда на земјите членки на Советот на Европа дадоа политичка поддршка за нов пристап кон Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), со цел да се олесни депортацијата на лица со нерегуларен статус. Одлуката, донесена на состанок во Стразбур, доаѓа во момент кога сè повеќе европски влади тврдат дека постојниот систем на човекови права им ги „врзува рацете“ во контролата на миграцијата.
Иако генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, јасно нагласи дека не се бара формално препишување на Конвенцијата, земјите членки ќе работат на т.н. „политичка декларација“ за миграцијата, која треба да биде усвоена на самит во мај следната година. Според Берсе, станува збор за процес базиран на консензус, со цел Конвенцијата да остане „силна и релевантна“ во современи услови.
Иницијативата следи по писмото што пред шест месеци го објавија девет држави, меѓу кои Италија, Данска, Полска и Белгија, во кое се тврди дека ЕКЧП поставува „премногу ограничувања“ кога станува збор за протерување на мигранти. Денес, според правни аналитичари, меѓу 15 и 20 земји ја поддржуваат идејата за потесно толкување на одредени членови од Конвенцијата во миграциски случаи.
Во фокусот на дебатата се член 3, кој забранува тортура и нечовечко или понижувачко постапување, и член 8, кој го штити правото на приватен и семеен живот. Критичарите, меѓу нив и белгискиот правник Марк Босујт, сметаат дека Судот за човекови права во Стразбур ги толкува овие одредби премногу широко – до степен да бара „достојни азилни процедури и услови за прием“, што според нив излегува надвор од првичната намера на Конвенцијата.
Политичкиот притисок расте и во Обединетото Кралство, каде десничарските партии повикуваат на напуштање на Конвенцијата, додека владата на Кир Стармер се залага за реформи „однатре“. Британската министерка за внатрешни работи веќе најави ограничување на повикувањето на член 8 во жалбите против депортација, оценувајќи дека сегашните толкувања достигнале „апсурдни размери“.
Наспроти ова, бројни правни експерти предупредуваат дека ваквите наративи се претерани и опасни. Според професорката Пеги Дукуломбје од Стразбур, миграциските предмети сочинуваат помалку од 2% од сите апликации пред Судот во последните десет години, а повеќе од 90% од нив биле отфрлени. „Може да не се согласуваме со одлука, но овој систем нè штити сите. Имаме многу да изгубиме ако го ослабнеме“, предупредува таа.
До 2026 година се очекува усвојување на интерпретативна декларација која би ѝ дала политичко насочување на судската пракса во однос на миграцијата. Прашањето што останува отворено е дали Европа ќе успее да го задржи балансот меѓу безбедноста и човековите права – или, под притисок на политиката, ќе започне тивко редефинирање на самата суштина на заштитата на човековото достоинство.
Н.Д.





