Извозот и увозот на стоки во земјава од утре ќе се одвива само со посебни дозволи, а доколку е потребно ќе се забрани транспорт на луѓе меѓу градови и села, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција.
Сугарески соопшти дека од утре важат нови правила за транспортерите, како што рече, за да се ублажи шокот од коронавирусот и да се нормализира транспортот на стока.
-Во однос на дозволите за влез и излез во државата дефиниравме правила и се усогласивме со министерството за внатрешни работи, државниот здравствен инспекторат и Царинската управа. Постапката за влез и излез е следна, секоја компанија е потребно да поседува дозвола за влез во земјата што се однесува на професионални возачи на товарни возила и оние кои се придржувале на посебниот здравствен режим, донесен од државниот здравствен и санитарен инспекторат, изјави министерот Сугарески.
Бидејќи овие неколку дена имало многу барања за дозволи, надлежните институции во неможност сите да ги изготват навремено, одлучено е излез од државата да се прави само врз основа на базата на податоци што ја поседува Министерството за транспорт и врски и валиден сертификат.
-Но, потенцирам дека ваквата процедура ќе важи до утре. Од утре секој транспортер што ќе врши транспорт надвор од границите на државата ќе мора да ја извади оваа дозвола од Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, најави Сугарески прецизираајќи дозволите да се вадат преку асоцијациите на транспортери.
Сугарески посочи дека заглавените превозници по граничните премини се вратени во земјава, но има најави за нови заглавени граѓани за кои се бара решение.
– Владата има донесено мерка за намалување на 50 отсто на бројот на патници во меѓуградскиот превоз и патницитие да бидат најмалку два метра одалечени еден од друг. Согласно препораките на Кризниот штаб, Министерството за здравство и Владата доколку се смета дека е неопходно да се забрани транспортот на луѓе меѓу градови и села и таа мерка дополнително ќе биде донесена, рече Сугарески во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Царинските службеници даваат максимална поддршка за непречено спроведување на царинските постапки во новонастанатата состојба, рече директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски, додавајќи дека Царинската управа заедно со министерството за транспорт и врски се грижи за непречено извршување на транспортот, транзитот и движење на стоките при увоз и извоз. А.Р.

