Пишува: Наташа Доковска
Од време на време, особено по трагедијата во Кочани, како ехо од едно минато време, се појавуваат повици за враќање на СВОЗ – Сите Во Одбрана и Заштита. Старите генерации го паметат по звукот на сирените, маршот низ училишните дворови и имитацијата на евакуација. Ученици со мокри марами на уста, наставници кои даваат наредби, симулации на напад, закана, пожар. На хартија: превенција. Во пракса: претстава. Но што навистина беше СВОЗ? Безбедносна едукација? Систем на заштита? Или само симулирана послушност во служба на едно време што сакаше ред без прашања?
Денес, кога зборуваме за безбедност, зборуваме за сосема поинакви предизвици. Климатска криза. Пожари. Поплави. Сајбер-напади. Врсничко и семејно насилство. Дезинформации. Исчезнати деца. Семејства оставени сами на себе во катастрофи. Дали некоја сирена и команда “сите напред!” ќе помогне во сето тоа? СВОЗ, таков каков што беше, беше симулација. Замена за реална едукација. Уште полошо – беше начин да се задоволи бирократската потреба за „сигурност“ без вистинска инвестиција во истата. И сега, кога некои носталгично зборуваат за неговото враќање, мора да прашаме: сакаме ли да ги учиме децата да мислат, или повторно само да слушаат? Да реагираат, или само да се подредат? Ако сакаме вистинска заштита, тогаш мораме да ја тргнеме пајажината од концептот и да го редизајнираме од почеток.
Не како парада, туку како процес на изградба на граѓанска отпорност!
Да ги учиме децата како да дадат прва помош. Како да препознаат онлајн закана. Како да реагираат кога другар ќе исчезне. Како да помогнат, како да си помогнат, и како да знаат зошто нешто прават. Затоа, не ни треба СВОЗ што ќе симулира мир во хаос. Ни треба образовен систем што ќе ги вооружи младите со вештини, критичко мислење и храброст да реагираат. Ни треба држава што ќе инвестира во реална безбедност – а не во симулирани вежби за пред камери. СВОЗ може да се врати – но само ако прво ние, возрасните, разбереме дека безбедноста не е дисциплина. Таа е знаење, храброст и солидарност. И таа не се учи со марширање.





