Од нашиот специјален известувач од Најроби: Наташа Доковска
Седмото Собрание на Обединетите нации за животна средина (UNEA-7), одржано во Најроби, повторно ја потврди тежината на глобалната еколошка криза, но и ограничувањата на меѓународната политика кога станува збор за нејзино вистинско решавање. Иако беа усвоени 15 од 17те предложени резолуции, што формално ги адресираат најгорливите еколошки прашања – од климатските промени и губењето на биодиверзитетот, до загадувањето со хемикалии, пластика и неодржливото управување со природните ресурси – клучното прашање останува: колку од овие одлуки ќе се претворат во реална промена?
UNEA е највисокото глобално тело за животна средина, каде што сите 193 земји-членки на ОН формално имаат еднаков глас. Но токму таа универзалност често резултира со компромиси што ги разводнуваат амбициите. Резолуциите се внимателно формулирани, со дипломатски јазик кој ретко поставува обврзувачки рокови, јасни механизми за одговорност или санкции за непочитување.
Особено чувствителна беше дебатата за минералите и металите, тема директно поврзана со енергетската транзиција. Додека развиените економии ја туркаат агендата за „зелена транзиција“, земјите од Глобалниот Југ и регионите како Западен Балкан сè почесто се соочуваат со нов бран екстрактивизам – рудници, концесии и загадување – без соодветна заштита на животната средина и здравјето на локалното население. И покрај тоа, резолуцијата остана претпазлива, без јасна осуда на штетните практики и без силна обврска за почитување на човековите права.
Граѓанското општество гласно предупреди дека социјалната правда, родовата еднаквост и здравјето на луѓето сè уште се третираат како споредни прашања. Жените, домородните народи, руралните заедници и еколошките бранители продолжуваат да бидат недоволно вклучени во процесите на одлучување, иако токму тие ги носат најтешките последици од загадувањето и климатските промени.
УНЕА-7 уште еднаш покажа јаз меѓу глобалните декларации и локалната реалност. Додека во салите на ОН се зборува за одржливост и транзиција, на терен продолжуваат проектите што уништуваат екосистеми, загадуваат води и го загрозуваат јавното здравје – често со тивка согласност на институциите.
Собранието испрати порака дека „времето за акција е сега“, но без јасен план како таа акција ќе се спроведе. Без обврзувачки механизми, транспарентност и вистинско учество на јавноста, резолуциите ризикуваат да останат уште една низа документи во архивите на ОН.
За земји како Северна Македонија и поширокиот регион на Западен Балкан, UNEA-7 треба да биде потсетник дека меѓународните процеси не смеат да служат како алиби за неодлучност на национално ниво. Напротив, тие треба да бидат алатка за притисок, отчетност и заштита на граѓаните.
Прашањето што останува по UNEA-7 не е што е усвоено на хартија, туку дали државите се подготвени да ја платат политичката цена на вистинската еколошка трансформација. Зашто планетата нема време за уште еден круг празни ветувања.





