вторник, јуни 18, 2024
домаВрвни илустратори од Хрватска – гости на ЛИТЕРА 2023

Врвни илустратори од Хрватска – гости на ЛИТЕРА 2023

Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ-Врачар и Бранка Холингсворт Нара, големи имиња на хрватската илустрација ќе го споделат своето знаење и искуство со македонските илустратори

Tројца врвни илустратори и креативци од Хрватска ќе нè понесат во други светови каде вечно владее детската фантазија на петтото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца и млади ЛИТЕРА 2023. Тоа се Доминик Вуковиќ, фантастичниот илустратор и автор на плакатот за „Литера 2023“, мултиталентираната Николина Манојловиќ Врачар и инспиративната Бранка Холингсворт Нара. Нивното присуство на фестивалот е особено важно бидејќи преку мастеркласови и предавања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. Фестивалот годинава ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на Скопје. На нив ќе им се придружат и домашни илустратори, писатели, автори на сликовници, издавачи, мултимедијални ликовни уметници.

-Присуството на фестивалот на уметниците од Хрватска е особено важно бидејќи преку мастеркласови и предавања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. На нив ќе им се придружат и домашни илустратори, писатели, автори на сликовници, издавачи, мултимедијални ликовни уметници – вели Софија Семенпеева од тимот на Фестивалот.

Доминик Вуковиќ е роден во Загреб, во 1990 година. Завршил Академија за ликовни уметности во класата на Свјетлан Јунаковиќ во 2015 година. Тој е илустратор, графичар и сликар, а од 2019 година работи како надворешен соработник на академијата во Загреб, на графичкиот отсек. Учествувал на бројни ликовни колонии и работилници, а имал четири самостојни изложби. Илустрираната новела „Долго патување до целта“ од Михаел Енде, сликовницата „Сон на летната ноќ“ на Зоран Фериќ и „Мува во ателје“ на Сања Ловренчиќ, кои тој ги илустрирал, се сместени меѓу 25-те најдобро обликувани хрватски книги за 2019 и 2020 година, според изборот на Националната и универзитетска библиотека во Загреб. За авторската сликовница „Свјетлана и соништа за летот“ ја добил наградата „Григор Витез“.

Николина Манојловиќ Врачар е родена во 1976 година во Загреб. Во 2001 година дипломирала сликарство во класата на проф. А. Рашиќ, на наставниот оддел на Академијата за ликовни уметности. Статусот на самостојна мултимедијална уметница го стекнала излагајќи самостојно и на групни изложби, работејќи ленд-арт, урбани интервенции и перформанси. Голем дел од времето го посветува на работа со деца. Од 2006 година пишува сценарија и ја води емисијата „Катчето на Нина“ на ХРТ, во рамките на програмата за деца и млади. Авторка е на повеќе сликовници и ислустрации. Збирката песни „Што сè – илустрирана енциклопедија на глаголи“ е вбројана меѓу најубавите книги во Хрватска за 2018 година. За ова дело ја добила наградата „Григор Витез“, а илустрациите во 2021 година се изложени на Меѓународното биенале на илустрација во Братислава. Авторка е на ѕидни мозаици и мурали, а преку уметничката организација „Артмобил“ изработува театарски сценографии. Специјализирала креативна терапија, насока арт-терапија на Универзитетот „Јосип Јурај Стросмајер“ во Осиек.

Бранка Холингсворт Нара е родена во 1974 година и живее во Самобор. Дипломирала графичко обликување во Загреб, а постдипломски студии за илустрации за деца и млади завршила на Школата за дизајн и уметност при Универзитетот ЕИНА во Барселона. Работи како самостојна илустраторка на учебници, книги за млади, сликовници и корици за книги, авторка е на плакати и промотивни визуелизации и раководителка на стрип-работилница за млади. Со илустрација за деца се занимава повеќе од 20 години. Соработува со многу издавачи. Како една од 23-те авторки на стрип во регионот, застапена е во антологијата „Женскиот стрип на Балканот“. Реализира повеќе изложби, а добитничка е на наградата „Овца во кутија“ за најдобра сликовница за 2020 година и две пофални награди „Григор Витез“ за 2011 и 2018 година.

На 5. издание, освен изложби и мастеркласови, во соработка со Македонската асоцијација на издавачи ќе бидат организирани промоции на книги, а наши писатели, креативци ќе организираат детски работилници и јавно читање сликовници. Во рамки на фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, во која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори, што учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.

Посебен фокус ќе биде ставен на конференцијата „Македонска современа илустраија“, на која ќе гостуваат реномирани професионалци од областа на детската литература и илустрацијата. Неизоставен дел се наградите „Литера 2023“, кои ќе бидат соопштени и доделени на затворањето на фестивалот.
Фестивалот „Литера“ е поддржан од Министерството за култура.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ