ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Немажени жени – проблем за себе и за другите?!

0
513

Z_P_2Насилството врз една жена, никако не смее да се сведе само на поимот „физичко насилство“, тепање, напад, иако тоа е најстрашниот и најболниот облик, кој го загрозува нејзиниот живот, загрозува нејзината безбедност, интегритет и здравје. Најчесто, на ова поднебје, се мисли дека жена жртва на насилство е онаа која е мажена, и е во несреќен брак, преполн со караници и тепачки, а е принудена да ги трпи во име на децата, финансиите и угледот на семејството пред светот.

Но, во современиот живот облиците на насилство се зголемуваат и модифицираат, не остануваат само на физичко насилство, туку одат во насока и на психично насилство, навредување, тормозење, потценување, исмејување. Навредите кои некои жени ги добиваат често ги тераат да се повлечат во себе, да се изолираат од средината во која живеат и работаат, и да се чувствувата безвредни. Најчесто на удар се жените со „слободен живот“, а малку повеќе од нив се немажените жени, кои ја немаат таа “официјална машка заштита’ покрај себе. Врз нив се врши невидлива, а голема дискриминација и атак на секое поле, предрасудите кон нив владеат и кај мажите и кај жените, а тие лесно стануваат мета на невидливо насилство. Особено ако тоа е жена во провинција, принудена е да живее и работи во поголема изолација, за да остави подобар впечаток. Да работи двојно, за да постигне некаков резултат. Таа живее под поголемо набљудување и скенирање. Секоја средба со припадник од спротивниот пол и се препишува на нејзината желба да го освои, а во многу случаи и како “желба да расипе нечиј брак’. Што воопшто, можеби, не е ни точно.

Темава се однесува на оние девојки кои ја преминале 30-тата, немаат сериозна врска и се сами, ниту назнака дека наскоро ќе имаат. Во малку подобра ситуација се жените кои сакаат кариера и се деловни жени, целосно посветени на тоа, за нив не се зборува многу за осаменоста и фрустрацијата.
Овој синдром на напаѓање и потценување на немажените жени, ни го потврдија неколкумина – Навистина ги потценувам и атакувам кога можам. Овие девојки, ми се чини, како да имаат ист образец на однесување, за никого немаат убаво мислење, многу се негативни, напорни, полни со животни филозофии, се претставуваат како се да знаат, а многу се нетолерантни, коментира еден маж, кој смета дека тие жени не се добри, но затоа пак не уммее да посочи конкретен пример кога му наштетиле.
-Доколку истиот негативен коментар за нешто го даде немажена жена, тоа се сфаќа како критика и озборување, а доколку тоа го даде мажена жена, тоа има „тежината“, вели една жена жртва на невидливо насилство од овој тип, која смета дека на работно место, во едно Министерство, е дискриминирана по таа основа.
-Често морав да ги заменувам колешките кои имаа семејство, а шефот воопшто не ме прашуваше дали јас си го имам испланирано времето. Тоа и не го интересираше. А секогаш земав двојно помала плата од нив, наводно, нив им требеле повеќе пати. Како јас да сум одговорна за нивните бракови и деца. Тоа е дискриминација и психичко насилство, смета девојка која се ближи кон 40-тата година.
-Не ги сакам немажените жени. Тие имаат потреа да ги убедат другите дека се многу среќни во своите животи, и тоа многу агресивно го прават. Се претставуваат како личности со широки сфаќања, либерални, а всушност со таа агресивност го покажуваат токму спротивното, и ги форсираат оние феминистички фори дека “нив не им треба маж, за да се среќни“, дека “мажите не сакаата паметни жени“, дека „мажите се плашат од успешни жени“, вели една мажена сметководителка.
-Не сум имун на предрасуди кон немажени девојки, и среќа што имам барем еден син, иако помалото ми е женско. Бев во врска со една таква. Кога раскинавме, таа и пиша на Фб на мојата сопруга, за што морав да се вадам дека не е точно, дека намерно сака да ни го расипе бракот и слично. Потоа инапишав песна поезија, во која ја омаловажив и ја нареков “ефтина гејша“, вели еден скопски љубовник, според кого немажените се полоша категорија, ама признава дека и во врските со мажени жени имал поголеми проблеми, и повеќе плаќал за нивни финансиски долгови, но има предрасуди кон немажените и затоа неа и вратил, а другите ги сокривал.

На таквите мислења, и напади, не се отпорни ни жените. Млада правничка без искуство, од Охрид, ваквото дискриминаторско мислење го истакна на интернационален настан, на маса со припадници од други држави- дека што и да направат, немажените жени во Македонија не ги сметаат како сосема нормални, и дека таа би се омажила и без љубов, само да не речат дека е немажена, а со тоа неуспешна и промашена.

-Баба ми велеше, подобро разведена, отколку стара мома. Нас разведените се ни е „простено“, не бодеме многу очи на јавностаи за нашите „слободни активности„ не се коментира многу, ама за стара мома се се коментира, тврди поранешна вработена во банка, разведена и прилично слободна жена.

-Немажени жени се проблем за себе и за другите, затоа треба да се мажат, по секоја цена, како и да е, макар само колку да се рече дека е мажена. Тоа и го велам на мојата ќерка. Ако треба и нека роди вонрачно дете, и со вештачко оплодување, јас ќе и го гледам, срце ме боли кога ќе ми речат дека е стара мома, а има 35 години, пред повеќе години категорично велеше една граѓанка.

– Бев уредник во дневен весник. Често пати кога при несогласување за работа, кога сакав да ги навредам некои колешки, колку и да беа во право, им спомнував дека нивната фрустрација потекнува од немање редовен секс, односно од тоа што не се мажени. Иако, сексот, на денешно време не зависи од брачниот статус, ама ете, сакав да им нанесам болка. Сега , кога моите ќерки се над 30 години, а немажени, и без изгледи за мажење, сфаќам дека тоа е последица на многу околности, и кога ме прашуваат пријатели зошто се тие стари моми, им одговарам „затоа што се појавија многу геј момци, и нема за кого да се омажат“, вели еден разочаран татко, поранешен уредник.

Дека има многу предрасуди кон овој тип на жени на работни места, зборува тоа што погоре спомена една испитаничка, нивните плати се секогаш помали а и можноста за напредување е помала, односно речиси и никаква.
Кон нив се врши еден вид дискриминација и омаловажуање, кое не ретко го доживуваат на лош психички начин. Тие се жртва на постојано потпецнување и од семејството и од роднините, и пријателите. Околината е таа која ги турка во подлабока депресија, со прашањето „што има ново, имаш некој, кога ќе се мажиш?“ Тоа претставува стрес за нив, а најчесто се развива во комплекс кој повлекува се полошо и полошо расположение.

-Дури, и при тоа прашање, и да не мислиш на момче, кога ќе ги прашете „што има ново?“, тие прво помислуваат на брак и се бранат- „не сум мажена, се уште“. Потоа или се смеат неартикулирано премногу, за да ја скријат болката, или се растажуваат и брзаат да ја прекинат средбата, заклучува еден психолог.

-Сакав да ја навредам Сања, со фактот дека не е мажена, а има над 40 години. Ми беше љубовница повеќе од 20 години. Работевме заедно и лесно се среќававме, секогаш ми беше на располагање. Во моментот кога требаше да отпадне од новата екипа, а јас не сторив ништо да ја задржат, таа ми се налути, почна да плаче и да ми префрла декаќе нема од што да живее, јас ја нападнав жолчно и реков дека ако таа „ако вредиш, досега ќе беше мажена“, и влепив и шамар. Се знаев со новите сопственици, и не и помогнав да ја задржат. Ја раскинавме врскатасо најпогрдни зборови, дека е „ненормална и неморална жена“. Згрешив. Лажев. Беше предобра како личност и цела младост ми ја посвети. Нема да откривам повеќе детали, јас ја заведов, и ветував многу, ја посетував и ја договарав кога ми одговараше, таа беше стрплива и вљубена, а јас психички се изживував врз неа, зошто ми се можеше, открива возач во една приватна фирма: -Добро луѓе, во 21 век секој има право на избор посебно за својот приватен живот, па не е мала работа да најдеш со кој ќе го поминеш животот? Јас така сметам. Ако некоја жена не нашла сродна душа, не треба да ја потценуваме и да и ги сопираме сите шанси за напредок. Ме погоди мислата од братот на мојата мошне коректна и добра ама немажена колешка, кој рече „кога ќе се омажи ова ѓубре, ќе славам на плоштад“, а притоа таа од својата плата дели за тие дома да преживеат, зошто неговата сопруга не работи, а децата им одат на училиште, ни раскажува службеничка во едно Здружение, признавајќи дека има атакување на немажените женски.

Лошиот збор и намерната навреда се насилство врз душата, кое повредува и остава последици врз жената.
– Кога реагирам на лошото однесување, нечовечноста, лагите и шкарт содржините на еден наш блог- портал, кој важи за меѓу најчитаните, извиканиот уредник ми возвраќа на маил „Ти немаш свој живот“, сакајќи со тоа да ме повреди дека не сум мажена. Како сум жива тогаш, ако немам живот? Чиј живот живеам? Каков е неговиот живот и зошто е повреден од мојот? И зошто смета дека мојот живот не чини, а не неговите содржини за кои на стара слава, зема огромни пари од спонзорите, се прашува една интелектуалка.

-Живеам во зграда со 20-тина станови. Само јас сум жена , сама над 45 години. Живеам со родител. Во зградата секојдневно имаа караници, и неиздржливи викања од страна на сосетките. Сите се нервозни, такво е времето во кое живееме. Викаат по сопругот, по децата, по „старите“. Мојата прва сосетка има швалер и сите тоа го знаат. Поради него со сопругот се караат дење- ноќе, а неа ја фаќа хистерија и му се обраќа со највисок тон. Но, за неа не се зборува толку лошо, како за мене, која живам повлечен живот. Ако се развикам со причина еднаш или два пати годишно, како и секој нормален човек кому се му дошло преку глава, соседите веднаш ми префрлаат „најди момче, затоа си нервозна“. Ако речам „глава ме боли, заб ме боли, стомак ме боли“, пак истиот одговор “Најди момче“. Секој човек има фрустрации, мажените и многу повеќе затоа што самите семејни проблеми им ги создаваат тие фрустации, како и грижата за децата. Но нивните фрустрации не се важат, и се сметаат за нешто нормално, а нашите, на немажените, се сметаат за подлога да не навредуваат и повредуваат. Тоа е тоа психичkо насилство кое го трпиме од околината и семејството, се жали невработена средовечна жена.
-Немажените ја загубиле смислата на животот. Им нудиш брак,а тие ќе ти речат ‚‚Не бери гајле,има време”. Ете како неженетите страдаат и заради нив, ќе си останат ергени, пак вели еден познат фолк пејач, кој е ерген, и дополнува дека нема предрасуди, но ете, сепак на нив гледа со такви очи..

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)