Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека минатата година во Македонија новинарите беа уценувани, прогонувани, тепани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници итн. „Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта“, истакна тој.

Според извештајот, минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека останатите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот.

Исто така Селмани изрази загриженост што Обвинителството досега не покренало ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и говор на омраза. „Неказнети останаа и познатите тројки на ВМРО-ДПМНЕ, кои спроведуваа кампањи на навредување и заплашување на новинари“, истакна Селмани.

Покрај недостигот на безбедност во работата, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување кое негативно влијае на нивната професионална независност.

Во извештајот е евидентирано дека ниту во медиумското законодавство нема подобрување, бидејќи тоа не е целосно усогласено со најдобрите европски практики.

Ова публикација е изработена во рамки на проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Здружението на новинари на Македонија е институционален грантист на програмата на ЦИВИКА Мобилитас.