И додека министерот Филипче информираше дека во државните болници има доволен број на кревети, низ социјалните мрежи се споделува информацијата дека во ГОБ „8 Септември“ не се примаат пациенти постари од 70 години.

Роднина на почината пациентка во својата информација пишува:

“… 76-годишна жена, пациент на дијализа, позитивна на ковид, со пад на сатурација, висока температура и наод на плуќата, за што доктор претходно порача ИТНА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА, по извршената дијализа во ковид центарот во “8-ми Септември”, оставена е во ходник сама без никаква медицинска нега. Чека да ја донесеме дома. Зошто? Затоа што немало кревет за неа, креветот се чувал за некој помлад. Нормално, дома без соодветна терапија ситуацијата драматично се влошува. Утредента во полукоматозна состојба доаѓа брза помош (секоја им чест) но и тие уплашени, кажуваат дека не знаат каде да ја носат, во болница не им ги примале пациентите, особено постарите. На наше настојување докторката решава да се обиде да ја примат во “8-ми Септември” како нивен пациент. По 30 минутно чекање во комбето, докторката се враќа и ни кажува дека нема да ја примат, едноставно над 70 години не примаат во “8-ми Септември”.

Револтираната роднина јавно го прашува министерот Филипче дали мајка и ќе преживееше ако место да ја исфрлеа во ходник, да и дадеа навремено соодветна венска терапија и кислород и дали ако Илија Филипче се зарази со ковид ќе го примат во “8-ми Септември”, бидејќи нели тој има над 70 години?!

Ќерката на починатата пациентка  го повикува министерот Венко Филипче да излезе и јавно да каже дека во “8-ми Септември” е забрането да се примаат пациенти над 70 години. Јавноста мора да знае, особено постарите каде да се обратат во случај на компликации од вирусот.

На овој пост се надоврза и други граѓани кои информираат дека нивни роднини по неколку часа лежат во комбињата на прва помош бидејќи болниците не сакаат да ги примат.  Н. Д.