четврток, декември 19, 2024
домаНасловнаКако радикализацијата станува „спас“ за изгубените генерации во Северна Македонија?!

Како радикализацијата станува „спас“ за изгубените генерации во Северна Македонија?!

Пишува: Наташа Доковска

Во Северна Македонија, насилниот екстремизам меѓу младите е дополнително усложнет со повеќе уникатни фактори, како што се повратниците од конфликтните зони на ИСИС, младите кои одлучуваат да прифатат екстремни толкувања на исламската религија, како и навивачките групи кои често се инволвирани во агресивни активности. Овие категории млади ја потенцираат важноста од навремена идентификација на ризиците и имплементација на мерки за превенција што ќе ги адресираат специфичните карактеристики на овие групи.

Повратниците од ИСИС – предизвик за ресоцијализација

Повратниците од ИСИС претставуваат особено чувствителна категорија. Голем број на млади кои се приклучија кон ИСИС беа инспирирани од идеологијата за „светска револуција,“ што го искористува нивното чувство на отуѓеност и незадоволство. По нивното враќање во Северна Македонија, овие поединци се соочуваат со предизвици на ресоцијализација, додека нивните минати искуства и понатаму претставуваат потенцијална закана за насилна радикализација во локалните заедници. Лошата економска состојба и недостатокот на интегративни програми ја отежнуваат нивната ресоцијализација и создаваат простор за можни рецидиви кон екстремизам. Дополнително, без соодветни психолошки и социјални услуги, овие млади остануваат изложени на истите радикални влијанија што ги натерале да се вклучат во екстремистички групи, што понатаму ја зголемува нивната ранливост и можноста за повторно насилство.

Од друга страна, младите кои прифаќаат исламска религија, особено оние што го прифаќаат екстремното толкување, честопати се соочуваат со предизвици во интеграцијата и прифаќањето во поширокото општество. Религиозната радикализација е комплексен процес, каде младите кои се чувствуваат изолирани или неразбрани се привлекуваат кон групи кои промовираат единствена визија за иднината и општеството. Во некои случаи, овие млади луѓе се приближуваат кон исламот преку екстремистички групи кои ги злоупотребуваат религиозните вредности, претставувајќи насилство како легитимен пат кон решавање на општествените предизвици. Ова често ги доведува до конфликт со државните институции и може да го зголеми меѓуетничкиот и меѓурелигиозниот раздор, кој веќе постои во општеството.

Навивачките групи како извор на насилство и поделби

Покрај повратниците од ИСИС и младите со радикални религиозни убедувања, навивачките групи се уште еден значаен фактор на насилен екстремизам во Северна Македонија. Навивачките групи, кои често се движат меѓу границите на фанатизмот и агресијата, привлекуваат млади луѓе кои бараат чувство на припадност и лојалност. Овие групи, иако најчесто поврзани со спортски настани, се претвораат во сцени на насилство и хулиганизам, честопати мотивирани од етнички или политички разлики. Некои навивачки групи дури се поврзуваат и со криминални активности, што дополнително го комплицира прашањето и ја поттикнува спиралата на насилство и агресија.

Влијанието на овие три групи врз младите и општеството е значајно и комплексно. Во недостаток на инклузивни програми кои би ја адресирале нивната потреба за припадност и идентификација, овие млади се подложни на манипулации кои водат кон насилни акти. Последиците од овој вид на насилен екстремизам ја загрозуваат не само личната безбедност на младите, туку и безбедноста на заедниците. Насилството инспирирано од религиозни или националистички убедувања, како и од навивачки фанатизам, предизвикува длабоки социјални поделби и понатамошна поларизација во општеството.

За да се спречи натамошната радикализација, потребни се инклузивни мерки и програми кои ќе го поддржат процесот на ресоцијализација и ќе нудат алтернативи за самоизразување на младите. Ваквите програми треба да вклучат едукација за критичко размислување и медиумска писменост, како и психолошка и социјална поддршка за повратниците од ИСИС и оние кои се подложни на религиозна радикализација. За навивачките групи, кои честопати функционираат како силни социјални групи, потребна е работа на создавање спортски настани и активности што промовираат солидарност и меѓусебна почит, наместо агресија и поделба. Преку заедничка работа со владините институции, граѓанските организации и локалните заедници, овие програми може да им помогнат на младите да најдат позитивни улоги во општеството и да се насочат кон активности што ќе го зајакнат мирот и стабилноста во земјата.

НВО- Новинари за човекови права имаа снимено изјави со претставници и експерти на оваа тема…Погледнете и слушнете што мислат тие…

Сторијата е направена во рамки на проектот „Зајакнување на информацијата: Колаборативен центар за квалитетно новинарството во Северна Македонија”, подржан од  Програмата #SustainMedia, кофинансирана од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој. Неговата содржина е единствена одговорност на „Пела радио“ и не мора да го одразува ставот на ЕУ или на Федералното Министерство за економска соработка и развој

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ